Бејли: Двете земји да најдат решение кое долго се чека

Решавањето на долгорочниот проблем со името ќе донесе добро за двете земји, но ќе придонесе и за просперитетот и стабилноста на целиот регион, изјави  денеска американскиот амбасадор, Џес Бејли. Додаде дека САД веќе долго време им даваат поддршка на Грција и на Македонија во однос на спорот со името, но не сакаше да невлегува во детали.

За разлика од него, помошникот државен секретар за Европа и Евроазија, Вес Мичел, завчера потврди дека САД играат тивка улога во процесот на решавање на спорот за името меѓу Македонија и Грција.

Во меѓувреме, граѓаните и на двете земји се во исчекување на најавениот разговор премиерите Заев и Ципрас. Засега нема официјални информации за контактот меѓу двајцата политичари, првично најавен дека ќе се случи до крајот на минатата недела. Грчките медиуми, прогнозираат дека „се во прашање часови до разговорот“ и дека „Атина очекува позитивен одговор од премиерот Заев“.Владите даваат сиромашни информации и за други теми и гласини поврзани со процесот, како името што  е на маса, јазикот или што конкретно е спорно од пакетот. Одговори од шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕијас побара и опозициската Нова демократија,по информациите на поранешниот шеф на македонската дипломатија,Антонио Милошоски, кој напиша дека договорот ќе се потпише денеска или утре.Во соопштение за јавноста го предупредија Ципрас дека, не поседува политички легитимитет да ја обврзе земјата и ќе има комплетна лична одговорност.

Коѕијас, пак,  ја обвини опозицијата дека предходно прифатила признавање на македонскиот јазик, а сега се противи на договор за името ако во него има “Македонија”.

Вчера илјадници граѓани низ цела Грција порачаа дека „Македонија е грчка“. Се протестираше во 24 градови, а околу 2.000 луѓе се собраа во Пела, родното место на Александар Македонски. Проценките во грчките медиуми се дека организаторите очекувале најмалку двојно повеќе демонстранти. Сепак,  официјално изјавија дека протестот покажал дека народот не само што не се согласува „да се даде името на соседите, туку бара да се распише референдум во Грција“.За 8 јули закажан е нов протест во Атина.

Далиборка Дамјанска Цветановска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ