Беџети: Јавните претпријатија и општините уште неконтролирано трошат јавни пари

Критики и за оваа власт како се трошат јавните пари. Академик Беџети предупредува дека се уште има буџетски корисници кои со државните средства се однесуваат крајно нерационално, државата врз нив мора да воспостави целосна контрола.

Погледнете што се случува со јавните претпријатија. Како да се слепи црева на фискалниот систем во државата. Превработеност, различност, нивните плати, несфатливо шаренило. Се однесуваат кој како сака. Тие се на државата, државата треба да ги стави под контрола јавните претпријатија. Се уште има дефицит на фискалната светс дека се трошат јавни пари. Се уште има градоначалници кои се однесуваат ноншалантно, директори на културни домови, театри и други институции кои земаат огромни пари, а се однесуваат како да се тоа нивни пари, а не наши, на сите граѓани, вели Абдулменаф Беџети, академик.

Забелешка и за дадените пари на општините да ги покријат долговите. Беџети ги поздравува напорите на власта за зголемана транспарентност и јавно објавување на трошењето на институциите. Сепак, граѓаните тоа уште не можат да го забележат.

Укажување и дека во земјава дури 50 отсто од приходите се собираат преку индиректните даноци, а тие паѓаат на товар на средната класа ако воопшто останала, и на најсиромашните. Прогресивниот данок е добар, но власта, вели, требаше да биде похрабра и да воведе и втора стапка, на заработките над 150 илјади денари, но и повеќе да ги оданочи приходите од капиталот и имотот.

Ако влегувате во даночна прогресија, со што јас се согласувам иако сум лично засегнат, требаше да се воведе и втора стапка, над приходите над 150 илјади денари, вели Беџети.

Фискалните реформи треба да доведат не само до повисок, туку и до праведен раст, од кој ќар би виделе сите граѓани, а не само одредени елити. Финансии се убедени дека се на вистинскиот пат. И покрај критиките од странците дека ново зголемување на минималната плата, по првото во 2017, може да биде проблем за бизнисот и да ја намали продуктивноста, министерот Тевдовски не се согласува. Но, не кажува кога ќе биде новото зголемување.

Минималната плата беше зголемена во септември 2017, и тогаш имаше црни сценарија дека ќе доведе до намалување на вработеноста, но ништо не се случи, а платите пораснаа и се намали невработенoст, вели Тевдовски.

Европската унија советува младите и жените повеќе да се вклучат во пазарот на труд.

Сите граѓани да добијат еднакви можности, да има здравствена нега и за ранливите категории и државата да инвестира во образованието, бидејќи состојбата таму е негативна, во споредба со меѓународните стандарди, како што е ПИСА, вели Самуел Жбогар, евроамбасадор во земјава.

Социјалната помош да оди кај ранливите категории каде што е потребна, вели Галина Винселет, Светска банка.

Светските банкари повторно со порака дека на земјите од Западен Балкан им се потребни пет декади да го достигнат просечниот европски стандард.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ