
Бебе се бори за живот, институциите истражуваат дали е жртва на семејно насилство
Критична е состојбата на 14 месечно девојче кое е донесено со тешки повреди на скопските клиники. Го донела мајката која и сама имала лесни повреди и гребаници по телото. Докторите се посомневале на насилство па пријавиле и во полиција.
Кога го прегледале утврдиле дека има крварења во мозокот, тешки повреди по главата и скршеници на коските на нозете. Уште пострашно е што скршениците се од пред неколоку недели, но досега не се третирани.
„Со сомнителни знаци за физичко насилство. Детето има оток и крвни подливи на лицето и на главата. На компјутерот и на рентгенот се гледа дека има крварење во мозокот. Има скршеница на две места на коските на черепот. Има и стари скршеници на двете потколеници. Во моментов детето е стабилно, не е ставено на машина за дишење и неговата состојба и понатаму се опсервира. Ќе решиме во текот на утрешниот ден што ќе правиме и како ќе оди понатамошното лекување“ кажа др. Сашо Поповски, дежурен лекар на КАРИЛ.
Во полиција случајот е пријавен вчера попладнето по што веднаш на распит била 20 годишната мајка. Телма дознава дека таа пред инспекторите давала контрадикторни тврдења. Прво рекла дека детето се повредило кога паднало од кревет.
Потоа рекла дека сепак и двете се жртви на насилство од маж кај кој живееле во последната недела, бидејќи нејзиниот сопруг бил во затвор. Кога полицијата го повикала на распит мажот кој бил посочен, тој тврдел дека првпат слуша за жената и нејзината ќерка.
Според информациите од полицијата таа во претходниот период живеела кај фамилија кои биле пријатели на нејзиниот сопруг но сега ќе се истражува што точно се случувало. Сомнежите се движат од насилство врз двете и мајката и ќерката до тоа дека можно е самата мајка да го претепала бебето. Се вклучија и социјалните служби кои истражуваат дали ова семејство е пријавено кај нив до сега.
„Министерството за труд и социјална политика во рамки на своите надлежности, преку службите за социјална работа ќе ги преземе сите потребни мерки за заштита на детето и мајката. Ќе следи истрага за утврдување на фактите и одговорностите за настанатата ситуација. Службите во координација со МВР ќе ги водат постапките. Министерството ќе преземе се што е потребно да се заштити детето“ кажаа од Министерството за труд и социјална политика.
Инаку во моментов мајката не е со бебето на кое се очекува да му биде извршена операција на главата. Повредите се сериозни велат докторите и можат да бидат опасни по животот на детето за кое се уште не се знае дали е жртва на семејно насилство.
Билјана Николовска