Барањето за државјанство на Викторија Лоба ја разбранува јавноста

Вака изгледаше дневниот ред на 51-та седница на Владата на РМ. На Прва точка беше барањето на поп пејачката со руско потекло,  Викторија Лоба, да добие македонско државјанство. Потоа следуваа kадровските прашања, а дури како трета, е точката ставена со назнака Разно, за доделување еднократна парична помош на семејството Зулбеари, од Тетово на кое во пожар им изгоре куќата, а животот го изгубија мајката и нејзините 4 малолетни деца. Токму вака напишаниот и официјално објавен дневен ред предизвика критики и коментари од јавноста. „Владата треба да има поголеми приоритети од одлучувањето за давање државјанство на Лоба“, коментираа на социјалните мрежи.

Според Законот за државјанство на Република Македонија, Владата одлучува дали странец може да стекне државјанство, ако тоа претставува посебен научен, економски, културен и национален интерес. Тоа и се случи со државјанството на Лоба. Но зошто таа точка е приоритетна, а не онаа за помошта за тетовското семејство и  кој составил ваков дневен ред? Од Владата за Телма велат дека седницата била свикана за да се одлучува за парична помош на семејството Зулбеари, а точката за одлучување за барањето за државјанство на Викторија Лоба, која била ставена во делот „Прашања и предлози“,  е вообичаена административна процедура.

„Откако службите ќе ја добијат целосната документација, одредено барање за добивање државјанство на РМ, како посебна точка се става на дневен ред на седницата. Викторија Лоба поднела барање за македонско државјанство до Министерството за внатрешни работи, по основ „ Пријавен законски престој во Република Македонија непрекинато осум години“. Владата го разгледа нејзиното барање и одлучи да и даде македонско државјанство.

Нема објаснување зошто токму Лоба била приоритет.

Телма стапи во контакт со Викторија Лоба. Пејачката рече дека имала желба официјално да добие македонско државјанство и дека и е чест да живее и да твори во нашата земја.

„Пред неколку месеци доставив официјално барање за државјанство. Тоа е процедура. Не знам дали знаете дека мора да се одлучи на Влада, за секој што ќе побара државјанство. Јас не сум ништо посебно“, ни рече таа.

Лоба доби македонско државјанство и стана една од 260- те странци кои меѓу 2006 и 2017 година добија македонски пасош заради посебен научен, економски, културен и национален интерес. Семејството Зулбеари од Тетово доби 5.000 евра еднократна парична помош.

Сотир Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ