
Банките со можности за граѓаните за времено запирање на плаќањето на кредитите
Тутунска банка одлучи на сите граѓани ќе им даде можност да запрат со плаќање на кредитите во рок од шест месеци. Имено, сепак им остава избор ако сакаат да побараат некоја друга поволност, по избор на клиентот.
Кај физичките лица, Банката ќе понуди можност за одложување на отплатата на кредитите, за сите физички лица до 6 месеци заклучно со 30.09.2020, како и рефинансирање на постоечките кредити, одобрување на нови кредити со можност за користење на грејс период или редовна отплата на постоечките кредити, по избор на клиентите, велат од банката.
За правните лица, исто така, ќе бидат понудени неколку опции, кои во зависност од природата на потребата ќе бидат усогласени со секое правно лице, поединечно.
Можностите за правните лица се одложување на отплатата на кредитот од 3 до 6 месеци заклучно со 30.09.2020, можност за рефинансирање, како и понуда на нови кредити за ликвидност. Кај клиентите од индустриите кои се затворени или се директно најпогодени од кризата, како и кај микро и малите претпријатија, во најголем број ќе се примени мерката за одложување на отплатата на кредитите, дополнуваат од банката.
Во текот на следните неколку дена деталната понудата со конкретните услови ќе биде официјално објавена од страна на Банката, при што истата ќе биде дистрибуирана и комуницирана со сите клиенти преку официјалните канали за комуникација.
И Халкбанк донесе одлука на сите физички лица, кои немаат ненаплатени кредитни обврски подолго од 90 дена, да им понуди одлагање на отплатата на кредитните обврски. Тоа важи и за кредити, кредитни картички и дозволени пречекорувања на трансакциските сметки. Од банката ги повикуваат оние клиенти кои не сакаат одложување и сакаат да продолжат со плаќање по претходно договорената динамика, да ја известат банката. Дополнително појаснуваат дека трајните налози ќе бидат стопирани.
Трајните налози за подмирување на кредитните обврски ќе се деактивираат и нема да прават резервација на средства на трансакциска сметка, освен за клиентите кои што ќе ја информираат банката дека нема да ја прифатат оваа понуда, велат од банката.
Оваа одлука ќе се примени и за пензионерите бидејќи, и покрај тоа што пензиите ќе бидат исплаќани без застој, и оваа категорија граѓани индиректно е засегната преку членови на нивните семејства.
Сотир Трајков