
Банките не се откажуваат од каматите за грејс- периодот, НБРМ вели нема законска надлежност да ги спречи
Баравме целосен мораториум за плаќање на ратите на кредитите, а добивме дополнителни камати. Многу граѓани особено повозрасните се ставени во неповолна положба. Ако немаат мејл адреа треба да одат во банка за да се изјаснат на пример дека не сакаат да им се пролонгира рокот за отплата, а тоа во ваква состојба може да создава само гужва пред банките. Во спротивно пак банката ќе смета дека го прифаќаат одложувањето. Организацијата на потрошуваши е разочарана од понудите на банките. Велат во вонредна состојба, требаше целосно да им се олесни плаќањето на граѓаните, а не да се користи моментот за остварување дополнителен профит.
„Не ми е јасно сега, значи останува истата висина на каматата која ќе се пресметува и ќе влегува во главницата, односно ние како потрошувачи нема да можеме да ја видиме одвоена во амортизациониот план од главницата таа камата. Ние бараме да не постои таа камата или да биде минимална камата на овој период на одложување на плаќање на кредитот“- вели Маријана Лончар Велкова, претседателка на Организација на потрошувачи на Македонија.
Според Лончар дел од банките во вакви услови не се откажаа ниту од делење дивиденда. Стравуваат дека ова може да ги зголеми нефункционалните кредити, бидејќи не се знае ниту колку ќе трае кризата, ниту колкави ќе бидат приходите на граѓаните.
“Во овој случај се делат и дивиденди од некои банки. Тоа не можеме да го спречиме, нели тоа е нивно право. Меѓутоа еве имаше апел од Народна банка и од другите, едноставно да престане, да овој период не биде така. Сепак добивката им е голема. Оти сега некој има пола плата, 7.000 денари има кредит, и сега на тој кредит тој ќе го плаќа, но наредните шест месеци дали ќе може да го плаќа, така што од добар плаќач фактички станува нели да не може да го отплаќа можеби кредитот.“- вели Лончар.
Банките пак се категорични дека и покрај корона-кризата не се откажуваат од камати за време на „мораториумот“ за ратите. Претседателката на Македонската банкарска асоцијација, Маја Штериева во вечерашното издание на Вин-Вин на Телма изјави дека во разговорите меѓу Владата и банките, никогаш не станало збор во т.н. грејс период, односно како што таа вели мораториум на наплата на рати за кредитите, во кој нема да се пресметува редовната камата.
„Апсолутно, значи никогаш не се отвори прашањето дури и кога банките,ги дадоа, првата банка кога ја пушти понудата до своите клиенти, тогаш одеденаш од социјалните мрежи се појави хистеријата за тоа зошто ќе се пресметува камата, а каматат впрочем е цена на парите како и било кој производ. Зарем можеме ние да отидеме сега во продавница, еве ќе одам да наполнам бензин, ќе ми го дадат без да платам. Тоа е каматата.“- изјави Маја Штериева, Претседателка на Македонската банкарска асоцијација.
Прашана пак зошто банките не понудија друга опција која им ја даде Народната банка како поповолни каматни стапки, Штериева рече дека банките имаат над 500.000 клиенти и немале административен капацитет да спроведат таква мерка.
Премиерот Спасовски пак вчера, по реакциите во јавноста изјави дека очекува дека менаџментот на банките во овој момент нема да го гледа само сопствениот интерес и профитот, туку ќе погледнат кон граѓаните и државата. А доколку тоа не се случува и не сакат да бидат солидарни, Спасовски најави дека може да биде донесена во секој момент уредба со законска сила во која ќе биде дефинирано што треба да направат банките. Народната банка денеска пак излезе со став дека ги следи понудите на комерцијалните банки. Но велат тие немаат законска надлежност за носење одлука со која би се запрело пресметувањето на камати за време на грејс периодот.
Во меѓувреме пак тече рокот од 10 дена кој банките им го дадоа на клиентите да се изјаснат дали ја прифаќаат или не понудата за грејс период од 6 месеци, во кој ќе им пресметуваат и камати.
Александра Филиповска