
Багерите роварат по сртот на Водно, додека активистите и надлежните решаваат недоразбирања
Багерите повторно го раскопуваат Водно. Не се знае „Македонски енергетски ресурси“ со кои активисти се договориле и им дозволиле да го надгледуваат градењето на трасата и поставувањето на цевките. Од граѓанската иницијатива „Го Сакам Водно“ обвинија дека договор со нив не постои. Изградбата на гасоводот привремено беше запрена, токму за тие да се договорат со МЕР за учество во работна група на градилиштето.
Бесправно се уништува зеленилото на заштитено шумско подрачје, гласни се од „Го Сакам Водно“. Без обележување на градежно земјиште, ниту одобрение за градење и сеча на сртот на Водно.
„Инспекцијата е комплетно нефункционална и си ги префрлаат надлежностите. И покрај нашите доставени претставки изминатиот период, никој не е санкциониран и понатаму се гради на диво. Бараме правната држава да профункционира и да се стави крај на непочитувањето на прописите и законите. Бараме итно постапување на инспекцијата и отстранување на механизацијата од сртот на Водно.“ кажа Дарко Ристовски од граѓанската иницијатива Го Сакам Водно.
Од Македонски енергетски ресурси побаравме, но не добивме одговор со кои активисти се договориле да бидат вклучени во надзорните групи за гасоводот. Преку соопштение само порачаа дека се подготвени да разговараат со граѓанските здруженија за да ги расчистат недоразбирањата.
Ниту за градоначалникот на Скопје, Шилегов, нема никакви дилеми дека изградбата на гасоводот ќе продолжи. Според него, финансиската штета ќе биде огромна ако се измени трасата на цевките.
„Анализирани се во фазата и постапката на издавање на градежната дозвола пет можни траси. Избрана е оваа и е издадена дозволата за нејзе. По основ на таа градежна дозвола, дополнително Македонија се има задолжено во Дојче банк, како кредит. По основ на тој кредит од околу 80 милиони евра за гасификација на Македонија – ако немате финансиска реализација, имате пенали. Можам да се согласам во делот дека добро сме го наплатиле, Водно е отидено одамна.“ кажа Петре Шилегов, градоначалник на Град Скопје.
Активистите не веруваат во зборовите на претставниците на Владата, дека трасата на гасоводот е намалена за 4 километри и ширината од 25 на 10 метри, обвинувајќи дека не постои никаква документација за тоа. Магистралниот гасовод Скопје – Тетово – Гостивар кој ќе минува преку Водно, е со вкупна должина од 86 километри.
Петар Догов