Бабата почина, внучето се бори за живот по сообраќајката на булевар Србија

Ова се видеата кои ги постираат граѓаните на населбата Ново Лисиче револтирани од ваквото секојдневие на булеварот Србија. Револтирани се од сообраќајната несреќа која што се случи синоќа на овој булевар каде што животот го загуби 61 годишната В.Т, а тешко е повредена нејзината тригодишна внука која е хоспитализирана на детската хирургија.

Според МВР товарно моторно возило “Пежо партнер” со велешки регистарски таблички управувано од 40 годишниот П.Т. удрило во пешаците околу 20 часот. Непосредно до булеварот Србија се наоѓа полициската станица Ново Лисиче. Телма ги праша и граѓаните кои што секојдневно поминуваат преку овој булевар дали се чувствуваат безбедни кога го преминуваат.

Непосредно по сообраќајната несреќа утрово општина Аеродром испрати соопштение во кое велат дека утрово поднеле иницијатива до град Скопје за изнаоѓање на ново сообраќајно решение на булеварот „Србија“ за зголемена безбедност во сообраќајот.

„Нашите служби реагираа веднаш по немилиот настан што се случи доцна синоќа на овој булевар. Општина Аеродром континуирано работи на зголемување на безбедноста на сообраќајот на улиците што се под нејзина надлежност со цел да ги превенира ваквите настани и да ја зголеми свеста кај учесниците во сообраќајот“, се вели во соопштението од општина Аеродром.

Во првото тромесечје од годинава на патиштата во земјава се случиле близу 1900 сообраќајни незгоди, од нив најголемиот дел биле во Скопје. Животот го загубиле 28 лица. Причина за поголемниот дел од овие сообраќајни незгоди било возењето со брзина поголема од дозволената.

Јордан Дуков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ