
Азилантот Груевски преку фејсбук ја „прослави“ унгарската судска одлука – доби покана да биде пречекан како шампион
Со безбол капче, наочарите за сонце мајбах на лицето и палто врз скрстените и врзани раце, екс премиерот Никола Груевски утрово беше спроведен во суд во Будимпешта. Требаше да се разгледува барањето за негова екстрадиција во Македонија. Но си замина слободен и во црна лексус лимузина на хибриден погон.
Судијката оцени дека нема можност за екстрадиција поради доделениот статус на азилант-бегалец кој го потврди со разгледување на сините лични бегалски документи на Груевски. Таа тврдеше дека не може да одлучува за нешто што се случувало во Македонија. Конечната одлука ќе треба да ја донесе унгарското министертво за правда.
Груевски како што се гледа на снимките на унгарските медиуми воопшто не ги симна луксузните мајбах наочари и додека беше во судница, а на крај му донесоа среќа да избега од уште една екстрадиција, овојпат за организација на крвавиот четврток. Не беше ниту расположен за било каков одговор на новинарско прашање.
Но откако се качи во автомобил со унгарски таблички веднаш стаса неговото објаснување на денешното спроведување со пластични врвки на рацете.
ФБ статус на Никола Груевски
Денеска спроведена е стандардна процедура на институциите во Унгарија откако криминалната и рекетарска влада во Македонија поднесе барање за екстрадиција. Судот го разгледа барањето за екстрадиција и одлучи да не го прифати.
Под статусот коментари главно со подршка за судството на Унгарија и ветување дека ќе биде пречекан на аеродромот како спортските шампиони. Го подржа и Александар Трајковски, вработен во царината и советник во Газибаба кој беше сликан на средба со избеганиот Груевски во Будимпешта.
Ова е второ барање на македонските власти за екстрадиција на Груевски, овојпат е по обвинението за организација на настаните од 27-ми април. Првото барање за екстрадиција за двегодишната затворска казна за случајот на СЈО Тенк., беше одбиено откако Груевски доби азил со тврдења за политички прогон.
Груевски избега на 10-ти ноември лани преку Албанија. По 6-месечно отсуство и без пратеничка плата, откако почнаа процедурите за одземање на мандатот тој прво преку фејсбук, а потоа и писмено до Собранието се откажа од мандатот, како што тврдеше за да нема притисоци врз неговите сопратијци на кои им е почесен претседател. Денеска неколкучасовното задржување во суд во Будимпешта беше интересно и за пратениците на власта кои го употребија во дебата за избор на нови министри.
А властите досега не соопштија дали открија како Груевски избега, а не кажува ниту тој. Заев пред две недели тврдеше дека наводно Груевски избегал скриен во гепек на кола, но бегалецот негираше. Надлежниот министер Оливер Спасовски избегнува да одговори дали е точна верзијата на премиерот Заев, а и денеска замина од задната врата на Клубот на пратеници по настан организиран од ЛГБТ заедницата. Груевски во Македонија не доби лисици на рацете, но утрово по снимките од Будимпешта со палто ги криеше пластичните врвки на неговите зглобови.
Миомир Серафиновиќ