
Австрија од денеска го презема претседавањето со ЕУ
Австрија од денеска го презеде шестмесечното претседавањето со ЕУ, а еден од трите приоритети на администрацијата на канцеларот Себастијан Курц е проширувањето на унијата кон Западен Балкан. Македонија од Европскиот совет на самитот доби прецизна временска рамка за почеток на преговорите – јуни 2019 година – за полноправно членство во Европската унија, а во средината на јули со посетата на еврокомесарот Јоханес Хан и официјално ќе започне скринингот на македонските институции, кој ќе одвива во текот на австриското претседавање. Австрија и особено канцеларот Курц се познати подржувачи на европската перспектива на Македонија.
„Европа која штити” е мотото на третото австриското претседавање со унијата а покрај проширувањето, другите два приоритети на Виена се безбедноста и борбата против илегалната миграција и обезбедувањето просперитет и компетитивност преку дигитализација.
„Луѓето го бараат ова, не затоа што од еднаш станале ксенофобични и сакаат да изградат ѕидови кон остатокот од светот, туку затоа што е задача на секоја политичка власт да го обезбеди почитувањето на законот и да ја заштити својата територија и граница“, вели претседателот на Европскиот совет Доналд Туск.
Честитајќи и за преземањето на претседателството на Австрија, министерот за надворешни Никола Димитров напиша дека со нетрпение ја очекува соработката со австриската министерка Карин Кнејсел, Продолжуваме напред и нагоре порача Димитров и и се заблагодари на шефицата на бугарската дипломатија за нејзините напори во истакнувањето на европската перспектива на Западен Балкан. Точно на полноќ, преку твитер, почетокот на австриското претседавање го означи министерката Кнејсел, која порача дека со нетрпение очекува да ја преземе оваа одговорност за доброто на европските интереси.
Програмата и приоритетите за работата на претседателството, австриската амабасадорка во Македонија Ренате Коблер ќе ги презентира утре пред членовите на собраниската Комисија за европски прашања.
Иако проширувањето и е еден од приоритетите сепак Виена се соочува со други предизвици. Тука пред се станува збор за Буџетот на ЕУ, за чие усогласување ќе бидат потребни тешки преговори поради празнината која ја остава излезот на Велика Британија, како и самиот Брегзит, каде преговорите напредуваат многу бавно. Дополнително во нејзиното претседателство започнува и кампањата за европските избори закажани за следната година.
Игор Трајков