
АВМУ со препораки за медиумско покривање на референдумот
Медиумите за време на референдумот да не завземаат страна, порачаа денеска од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Спротивставени страни ги нарекоа сите иницијативи кои ќе водат јавна пропаганда за или против. Пред референдумот АВМУ им порача на медиуми тека ќе мора да известуваат професионално, да не емитуваат пораки насочени кон насилно уривање на уставниот поредок, кон поттикнување, повикување или кон разгорување воена агресија, говор на омраза ниту да поттикнуваат национална, верска, расна и етничка омраза, ксенофобија или други форми на омраза.
Но ова се само препораки од агенцијата, оти во законот за референдум нема пропишано правила за известување. Сега агенцијата дава препораки слични на оние кои важат и за избори. Сепак очекува заинтересираните страни да дадат свои предлози и ќе ги соопшти правилата за известување на 17 ти август.
Инаку, во она што денеска е објавено од АВМУ очекуваат медиумите да не го наметнуваат своето мислење во вестите и дебатните емисии. Може да се објавуваат анкети, но оти јасно треба да се наведе нарачателот, институцијата која го спровела, периодот на спроведување, применетата методологија и големината на испитаниот примерок. Анкетите можат да бидат пуштени во етерот најдоцна пет дена пред референдумот. Просторот за реклами нема да се зголеми и во еден час ќе може да се пуштат 12 минути како што е и сега, но оние кои ќе бидат за референдумот ќе мора да бидат јасно означени.
Билјана Николовска