
АВМУ ја претстави нацрт методологијата за мониторинг на изборното медиумско претставување
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги на денешната седница ја претстави нацрт методологијата за мониторинг на изборното медиумско претставување преку радио и телевизиските програмски сервиси за време на изборни процеси. Новата нацрт методологија нема суштински разлики од претходната. Измените се однесуваат на изменетите одредби од новиот изборен законик донесен на 25ти јули годинава поврзани со медумското претставување. Меѓу другото, овие измени донесоа и кратење на времетраењето на платената политичка програма кај телевизиите од 18 минути на реален час, на 9 минути, измена на која реагираа и дел од членовите на советот.
На денешната седница, членовите на Советот Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги упатија и критики до правосудните органи во државата поради непреземање на конретни дејствија против сторителите на говор на омраза во медиумите кои ги има детектирано Агенцијата во мониторингот кој што редовно го спроведува.
Од демеска, Агенцијата ги повикува сите засегнати страни да се вклучат во јавната расправа на нацрт методологијата за мониторинг на изборното медиумско претставување преку радио и телевизиските програмски сервиси за време на изборни процеси. Рокот изнесува 30 дена.
Јордан Дуков