
AВМУ ја повика невладината Мост да не дава паушални оценки за дезинформации
Агенцијата пишува дека наводите објавени во Топ листа на дезинформации во случајот „Рекет“ што ја изработи F2N2, дека директорот Зоран Трајчевски во емисијата „Код“ пласирал дезинформација се неточни и се само уште еден пример дека непроверувањето на фактите, доведува до создавање и ширење дезинформации.
Во листата, изјавата на директорот на АВМУ е оквалификувана како дезинформација и покрај тоа што од неа беше сосема јасно дека се информира за активностите на Агенцијата, околу постапката против 1тв за утврдување тајно содружништво, односно за барањето на Агенцијата до МВР за проверка и за добивање информации од значење за постапката.
Проверката на информации, и меѓуинституционалната соработка не може да се поистоветува со ширење дезинформации, поради што Агенцијата реагираше на демантот на МВР, пишуваат од АВМУ.
Од таму додаваат дека Реакцијата беше објавена на повеќе медиуми и ако F2N2 ја почитувал сопствената методологија и цели, требало да ја има предвид нејзината содржина како и да ги провери сите факти пред да даде оценка за дезинформација.
„Вистинското орудие во борбата против дезинформациите е целосното, вистинитото и објективното прикажување на настаните и ова особено треба да го имаат предвид сите оние коишто се залагаат и работат на борбата против дезинформации. Презентирањето половични информации од организација којашто се бори против дезинформации и лажни вести додека истовремено повикува на објективност, точност, почитување на професионални стандарди, етички принципи и култура на говор е крајно непрофесионално“, пишуваат од АВМУ.
По реакцијата на АВМУ F2N2 даде коригирана верзија, во која пишува дека информацијата се спинува од други медиуми, при што се добива впечаток, дека споменатото лице Бојан Јовановски всушност имало службено обезбедување од МВР.