
Аслани во Топ Тема: По 14 дена со под 5% позитивни нови случаи корона вирус, може да се разговара за парламентарните избори
Заменик министерот за здравство, Арменд Аслани, во вечерашната Топ Тема, изјави дека главен збор во евентуалната одлука за одржување на парламентарните избори треба да има ставот на експертите и комисијата
Според Аслани, во овој момент, според сегашниот процент на позитивни нови случаи корона вирус од направените тестови, кој изнесува над 14 проценти, не може да се планира одржувањето на изборите.
Ако бројот на заразените во наредните 14 дена е под 5% може да се разговара за оваа тема, вели заменик министерот за здравство.
Аслани потврди и дека заради сегашниот тренд на ново заболени од Ковид-19 од комисијата нема заклучок дека треба да се почне со укинување на полицискиот час и со олабавување на другите рестриктивни мерки и засега остануваат на сила истите мерки.
За евентуалното олеснување на рестрикциите од 24- Мај, заменик министерот за здравство посочи дека клучно значење треба да има одговорот на најзначајните прашања: Дали епидемијата е ставена под контрола? Дали здравствениот систем е во состојба да се справи со евентуалниот пораст на случаите кои може да следат по олеснување на мерките? Дали системот на надзор на јавното здравје може да открие и да управува со случаите и нивните контакти.
Комисијата одлучува врз база на статистиките, тврди Аслани а истите сега треба на неделно ниво да се анализираат, за евентуално преоѓање во втора фаза која би опфатила олеснување на мерките за кафетериите, рестораните , хотелите, јавниот превоз и меѓународниот превоз.
“Нема дефинитивен датум, тоа што се дискутира на комисијата е врз основа на статистиките на дневна основа а сега веќе и на неделна основа” –изјави Аслани во вечерашната Топ Тема.