Асани: Бројчаникот ќе врти кога ќе почнат да вртат судовите

На големи врати најавуван, бројчаникот уште и недостига на Триумфалната порта. Зошто е така, директорот на Агенцијата за конфискуван имот, Асани, прстот го вперува во бавноста на судовите. Земјава, вели тој, е преплавена од конфискувани возила, дури 6000 во Идризово, Миладиновци и кај Шумската полиција. Но, Агенцијата не може да ги додели на друга државна институција или да ги продаде, бидејќи уште чека правосилност на пресудите, тие се заглавени во судските лавиринти по 4 до 5 години. Колку пари државава има за земање од одземениот имот, возила, пари и недвижнини, засега нема прецизни податоци.

„Судството треба да работи поажурно, бидејќи сите работи зависат од судовите. Ме прашаа дали ќе почне да врти бројчаникот што беше ветен пред изборите. Бројчаникот треба да врти, но за да се случи тоа треба да „вртат“ судовите. Ако „вртат тие ќе врти и Агенцијата“, вели Фатон Асани, директор на Агенција за управување со конфискуван и одземен имот.

За утеха, според директорот, и во другите балкански земји процесите траеле толку долго.

Ако ние не знаеме, во Босна и Херцеговина имаат точна пресметка колку пари одзеле од криминалците, дури 20 милиони евра за година и половина. Хотел, студентски дом, бензинска пумпа, автомобили, скапоцени вили, накит. Дел од тој имот се издава, дел е подарен на здружение за деца болни од рак.

„Поентата на целата приказна е да се прати јасна порака дека криминалот не се исплатува. Бидејќи, ако на човекот што го гониме затоа што извршил кривично дело, и покрај сите силни судења, пресуди и одење во затвор, му останат големите милиони што ги стекнал, тогаш ние како држава и општество всушност сме му го легализирале криминалот“, вели Кенан Каро, директор на Агенцијата на БиХ за одземен имот.

Агенциите од регионот веќе се организирани во Балканска мрежа за управување со одземениот имот. Целта и е да им помогне на државите да имаат подобри процедури што побргу да ги продадат запленетите средства и имот и тие да се вратат кај граѓаните и државните буџети.

„Ова е заеднички проблем за сите држави. Нормално дека секаде има предизвици. Криминалот не познава граници, криминалец од Македонија ќе инвестира свои  средства во друга држава и обратно и од тие причини мора да соработуваме. Ако не соработуваме тогаш криминалот победува“, вели Андре д Анџело од БАМИН.

Владата се пофали дека усвоила нова стратегија, а работи и на законски измени согласно европските директтиви, но свесна е дека тоа не е доволно.

„Без промена на свеста и без одлучна акција на државните органи сите документи ќе останат  мртов збор на хартија а сите сфери на општественото живеење ќе продолжат да бидат плодно тло обработувано од криминалните организации“, рече Ристовски.

СЈО досега има побарано конфискација на имот во обвинението за предметот Титаник, во вкупна вредност од околу 2,3 милиони евра, за повеќе функционери од претходната власт, межу кои и за поранешниот премиер Никола Груевски. Но, конфискација ќе се бара и за многу други предмети, откако ќе се добие правосилност на пресудата.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ