Асаф Адеми заминува од функцијата министер за култура

Асаф Адеми поднесе оставка на функцијата министер за култура.

Одлуката , како што вели, не е дел од реконструкцијата на Владата, најавена од премиерот Заев, туку од здравствени причини и е подржана од претседателот Африм Гаши и од Централното претседателство на партијата Алтернатива, поранешна БЕСА, чиј член е Адеми. Одлуката за оставката ја побарал на состанок на партијата, одржан на 22 април.

“Јас побарав од претседателот и од Централното претседателство на партијата, да ми дозволат, да се повлечам од функцијата министер за култура. По моите објаснувања и оправдувања , поврзани со здравствени причини, Централното претседателство го прифати моето барање. Но, за да не влијаеме на изборниот процес за претседателските избори , одлучивме тоа да го објавиме по завршувањето на процесот” – изјави Адеми.

Одлуката на Адеми да го напушти Министерството за култура , ја потврди и премиерот Заев.

“Тој ја најави оставката пред повеќе од 6 месеци. Има здравствени проблеми човекот. Сакаше уште пред Годишната програма. Но знаете, имаше дилема, дали ќе се оди на претседателски, заедно со парламентарни избори. Потоа се одлучивме да одиме на претседателски. Замолницата од мене како мандатар беше да се почека , да поминат изборите, па после изборите, јас имам разбирање за здравствената состојба” – вели Заев.

Адеми вели дека во изминатите 11 месеци, како министер работел на унапредување на културниот живот во земјава. Бил транспарентен, не земал ни денар од буџетот за себе и работел без грешки и со нула корупција, но конечната оценка ја остава на јавноста. На нашето прашање, дали ќе остане достапен за ДКСК, по објавувањето на резултатите од истрагата за Годишната програма, која предизвика незадоволство во јавноста, тој вели дека нема да бега.

“Немам намера да се кријам, ниту да се плашам од некого. Моето владеење беше чесно, транспарентно и секогаш сум достапен за сите органи” –подвлекува Адеми.

Адеми останува да ја врши функцијата додека не биде назначен нов министер за култура. Неговата партија Алтернатива, ќе продолжи да раководи со ресорот Култура, а поконкретни информации ќе има по средбата на премиерот со претседателот на Алтернатива, деновиве, рече Адеми.

Тој седна во министерската фотеља лани во јуни и ќе биде втор министер за култура, по Алаѓозовски, кој ја напушта функцијата, на истекот на втората година од владеењето на коалицијата СДСМ-ДУИ.

Адеми по професија е градежен инженер, поранешен амбасадор во Данска, директор на тамошна компанија и поранешен кандидат за градоначалник на Гостивар од БЕСА.

Сотир Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ