Артефакти од 2 век откриени на булеварот Партизанска

Механизација која откопува камен саркофаг и откриени 3 елементи од римски надгробен олтар. Ваква е денешната слика на „Партизанска“, каде во текот на вчерашниот ден, но и денеска се доистражуваат откриени артефакти до кои дојдоа екипи од Град Скопје, работејќи на ископ на фекална канализација. 

Се проценува дека пронајдоците се од вториот век, велат од Конзерваторскиот центар, кои вршат надзор на местото.

“Тие се најдени во секундарна употреба, значи донесени се со нанос на реката Вардар и како што самите можете да забележите, се наоѓаат во чакал. Како меандрирал Вардар низ вековите, на овие простори, така се тие носени, најверојатно од некрополите на градот Скупи” – вели Вера Атанасовска, виш конзерватор и археолог во Конзерваторскиот центар Скопје.

Поради секундарниот карактер на откриените артефакти, ископот на фекалната канализација нема да биде прекинат, а тоа што ќе се открие, ќе биде однесено на локалитетот Скупи, велат од Град Скопје.

“Бевме известени дека артефактите треба да бидат пренесени на локалитетот Скупи, бидејќи не се први артефакти од таков вид, кои што се пронајдени на таа локација” – рече градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.

Слични пронајдоци од римскиот период, откриени додека се градела населбата Карпош 4, се поставени на влезот на Музејот на Град Скопје.

Сотир Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ