
Арнаудов стана вицкаст откако амнестијата стана реалност
Во Собрание гласаа за сопствената амнестија, пред суд молчат. Пратениците обвинети за „Крвавиот четврток“, Крсто Мукоски, Сашо Василевски, Јохан Тарчуловски и Љубчо Димовски не кажуваат дали ќе бараат амнестија. Љубен Арнаудов дури побара пари за изјави, по паузата откако новинарите собраа пари не за една туку за три изјави, тој се премисли.
Пратениците гневот врз себе го навлекоа и од дел од останатите обвинети. Игор Југ со вулгарни зборови им порача да не се кријат, тој пред судот се изјасни дека нема да бара амнестија. И Јане Ченто рече дека сака судот, а не политичките елити да му пресудат.
„Секој за тоа што го правел внатре во Собрание треба да понесе одговорност. И ние како и вие сакаме да дојдеме до вистината, јас имам целосна доверба во судот и не поднесувам барање. Се надевам дека тоа ќе го сторат и останатие, време е за правна држава“.
Законот е селективен и не е прецизен токму во делот за ова судење па точно не се знае кој од обвинетите ќе биде амнестиран кој не. Најсигурни во амнестија се пратениците, па организаторите на протестите од За Заедничка Македонија, но поделени се маскираните и полицајците.
Инаку токму гласовите на тројца пратеници кои се обвинети беа едни од клучните за да се гласа за уставните измени за промена на името, и денот кога требаше да гласаат беа ослободени од притвор. Сега законот за нивна амнестија експресно е донесен, а според предлагачите целта е национално помирување.
Тие пак се обвинети дека ги отвориле вратите за да влезе масата народ, а во текот на судскиот процес неколку пати останатите обвинети повторуваа дека никогаш немало да влезат ако вратите не биле ширум отворени.
Билјана Николовска