
Армијата ќе контролира граници, објекти и лица
Бараките од студентскиот дом „Невена Георгиева – Дуња“, попознат како „Медицинар“, заминаа во историјата. Целосно се урнати а просторот се расчистува. Се работело цела ноќ и до крајот на денот треба да биде однесен целиот шут. На тоа место, во непосредна близина на Инфективната клиника, ќе биде подигната армиска полска болница „рол 2“, како дел од мерките на Кризниот штаб поврзани со корона.
Армијата добива три нови задачи како поддршка на полициските сили и на другите институции.
Прво, Војската се вклучува во обезбедување и надзор на граничната линија за да попречат нелегално влегување или излегување од нашата територија.
Второ, заедно со полицијата ќе го контролира почитувањето на полицискиот час, самоизолацијата, карантинот и движетето во кризните подрачја.
И трето, Армијата ќе учествува во обезбедувањето на Собранието, Владата и на другите витални објекти.
За време на полицискиот час, движење со посебни дозволи ќе им биде овозможено на припадниците на армијата, полицијата, здравствените служби, пожарните, но и на медиумите. Се изработува посебен правилник.
Од МВР информираат дека поднеле вкупно 77 кривични пријави за кривичните дела „пренесување заразна болест“ и „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“, како и пет извештаи до Обвинителството и 10 прекршочни мерки. Постапуваат по 604 решенија за изолација и утврдиле пет непочитувања, како и 105 непочитувања на самоизолација од вкупно 6 илјади 600 изјави. Откриле и 17 непочитувања од угостителските објекти, а поднесени се и 6 кривични пријави, соопшти МВР.
Соња Николовска