
Веро: Работно време од 8-19 часот – преднoст на каса: пензионери, бремени жени и инвалиди
Согласно најновата мерка за ограничување на движењето на граѓаните што вчера ја донесе Владата, Веро воведува ново работно време од 8 до 19 часот секој ден. Дополнително, Веро воведува и повластен термин во денот за пазарување во кој приоритет за влегување во маркетот и на каса ќе имаат пензионери, бремени жени, инвалидизирани лица, за да им овозможи поголема заштита на најранливите категории граѓани и да се избегне нивното изложување на поголем ризик.
– Безбедноста на потрошувачите и на нашите вработени е наш највисок приоритет. Вложуваме максимални напори сите потрошувачи да се чувствуваат добредојдени и безбедни во нашите маркети и сакаме да им овозможиме во секое време да се снабдат со сите неопходни производи за нивните потреби. Воедно апелирам на совесност и разбирање од страна на помладите потрошувачи во наведениот термин да им дадат предност на ранливите категории потрошувачи на кои помошта и поддршката во овие моменти им е најпотребна – вели Петар Денковски, генерален директор на Веро.
И покрај скратеното работно време, Веро маркетите продолжуваат нормално да функционираат. Во маркетите има доволно залихи од основните производи, а редовното снабдување се одвива без никаков застој во соработка со добавувачите.