
Армија на Република Северна Македонија е новото име на оружените сили
Армија на Република Северна Македонија е новото официјално име на оружените сили на земјава. Претседателот на државата Стево Пендаровски вчера ја потпишал уредбата за нови ознаките на Армијата, со што таа и официјално доби ново име.
„Во текот на вчерашниот ден ја потпишав уредбата за ознаките на униформите на Армијата и отсега натаму ќе биде Армија на Република Северна Македонија“, информираше Стево Пендаровски, претседател на државата.
Пред два дена Телма објави дека армијата и пет месеци по менувањето на името на државата се уште на своите униформи ги носи ознаките „Македонија“ и кретнаката „АРМ“ од Армија на Република Македонија. Од Министерството за одбрана за Телма тогаш информираа дека во тек е внатрешна процедура, заедно со Генералштабот, на усогласувањена ознаките со новото уставно име кои потоа ќе му бидат испратени на претседателот на одобрување. Тоа ни го потврдија и од Генералштабот, но со дополнување дека тие немаат ингеренции да интеревенираат во ознаките поврзани со името на државата и името на армијата, бидејќи надлежност врз законите и уредбите кои го уредуваат тоа се во рацете на Претседателот, Собранието и Владата.
Пендаровски денеска пред началникот на Генералштабот изјави дека таа пречка веќе ја нема.
„Значи и тој технички, или ново-технички или правен аспект е завршен. Значи тие можат комотно да одат во некои следни набавки на своите униформи да ги имат тие нови знаци. Какви ќе бидат, тоа се разбира ќе биде низ внатрешна процедура, меѓутоа името на Армијата е Армија на Република Северна Македонија и тоа од вчера е и на правна основа“, изјави Пендаровски.
Освен официјализирањето на новот име на Армијата, Пендаровски најави и дека оваа недела ќе ја објави одлуката по указите на неговиот претходник Ѓорге Иванов, од 25 февруари, за унапредување, поставувања на генералски места и испраќање на воени претставници на земјава во странство. Антикорупциска указите на Иванов ги прогласи за незаконски. Најавата за указите Пендаровски ја соопшти придружуван токму од началникот на Генералштабот, Васко Ѓурчиновски, кој со указот на Иванов беше унапреден во чин генерал-потполковник.
„Се надевам дека оваа недела ќе излеземе со укази кои ќе одат или евентуално во повлекување на тие спорни укази или во некакви други укази кои ќе значат подобрување на тоа што во тоа време не било во склад со законот. Значи оваа недела очекуваме конечно да постапиме. Време ни требаше, верувајте затоа што се работи за специфична ситуација“, изјави Пендаровски, претседател на државата.
Пендаровски информираше дека процедурата околу спорните укази траела подолго бидејќи се чекало антикорупционерите да ја достава до Кабинетот конечена одлука и квалификација по спорните укази, што го добиле пред неколку дена.
Тамара Грнчароска