
Архитектите и граѓаните во одбрана на атрактивната локација на „Треска”
Некогаш овде работела фабриката „Треска“ со повеќе стотици вработени, а сега граѓани и архитекти преку Иницијатива се борат за идниот изглед на секоја педа од земјиштето, пред градежната механизација целосно да му го измени изгледот. Дел е државно, а дел приватно. Потписниците на Иницијативата бараат – пред урбанизацијата да го зафати и тој простор, да биде сигурно дека сето тоа ќе се изведе плански и со претходно организиран архитектонско-урбанистички конкурс. Ако има таков натпревар на идеи, тогаш Асоцијацијата на архитекти треба да биде организатор, смета нивниот претседател.
Локации коишто како оваа долго време седат, фабрика во центарот на градот, мора да бидат предмет на некаков конкурс бидејќи се друго е изградено наоколу. Станува збор за Буњаковец, се е изградено со станбени згради и од едната, па и од страната на Карпош. Не можеме да ги заборавиме потребите – дали се тоа приоритетите на градот или приоритети на сопственици, мора да се најде решение оптимално за сите луѓе во овој процес. изјави Мартин Пановски, претседател на Асоцијацијата на архитекти.
Планирање на зелени јавни површини во Скопје треба да биде во фокусот на урбанистите, тврди Сара Симоска, архитектка која својата магистерска теза на универзитет во Милано, ја работела токму за локацијата кај „Треска“.
Сметам дека оваа локација има клучно значење за градот Скопје затоа што со подолгата страна се граничи со Карпош и со тоа – квалитетно решавање на оваа локација би значело подобрување на двете општини Карпош и Центар, а со тоа и целиот град Скопје. Преку конкурс може да се дојде до решенија коишто ќе нудат отворени јавни простори како и зелени површини коишто во овој момент на гушење на градот се многу важни. Тоа би значело и воведување на велосипедски патеки, пешачки патеки итн. за Телма изјави Сара Симоска, архитект.
Во Советот на Општина Центар ретко се случува да се разгледуваат и гласаат вакви иницијативи за архитектонско-урбанистички конкурс и ова е вистински тест за советниците, за Телма изјави претседателката на советот Јана Белчева.
Колку повеќе да ги вклучиме граѓаните во донесувањето на одлуки, но и како да го градиме просторот со сите параметри да ги задоволи нивните потреби. Тоа ќе бидат главните аргументи зошто овој дел од планот Буњаковец би требало да се даде на архитектонско урбанистички конкурс и да се одлучува понатаму низ еден натпревар на идеи и креативни размислувања за негово осмислување. кажа Јана Белчева, претседател на Советот на Општина Центар.
Деталниот урбанистички план „Буњаковец“ во кој спаѓа и локацијата кај „Треска“ во овој момент е под мораториум и е ревидиран од службите во Општина Центар. Во него се нацртани околу триесетина згради поделени во четири блокови.
Петар Догов