
Архиепископски црковно-народен собор во Калишта
Во манастирот Рождество на Пресвета Богородица на брегот на Охридското Езеро во Калишта, кај Струга, викендов ќе се одржи Јубилејно заседание на највисокото црковно-управно и законодавно тело на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, Архиепископскиот црковно-народен собор.
На него ќе се разгледуваат неколку измени во Уставот на МПЦ-ОА од административен карактер, разграничување на границите и бројот на епархиите и други прашања од животот на црквата која, како што се најавува ќе заземе ставови по одредени прашања од внатрешен и надворешен карактер.
Соборот е составен од делегати од сите епархии на МПЦ-ОА, а во него членуваат и лица од клирот, монаштвото, теолошките образовни установи и претставници на верниците од секоја епархија.
Работниот дел на соборот, кој се одржува во турболентен период низ кој минува државата, започнува утре, а завршува во недела со богослужба во катедралниот храм Света Софија во Охрид.
Oваа година МПЦ одбележува неколку значајни јубилеји, 60 години од возобновувањето на Охридската архиепископија во лицето на Македонската православна црква, 1000 години од нејзиното формирање, 75 години од Свештенското заседание во охридското село Издеглавје и 1155 години од Моравската мисија на светите браќа Кирил и Методиј.
Горан Момироски