
Апелација затрупана со жалби за одбиените амнестии
Само неколку часа пред новогодишната ноќ, уште петмина обвинети се ослободени од товарот за настаните од 27-ми април. Кривичниот суд одлучи да прифати уште пет барања за амнестија на лица обвинети за учество во толпа. Девет барања се одбиени како неосновани.
Во меѓувреме, адвокатите на одбиените за амнестија, поднесуваат жалби до Апелација. Убедени се дека нивните клиенти ги исполнуваат условите од законот, што донесе слобода само за половина од обвинетите. Меѓу нив е и адвокатот на Горан Ангелов-Ќосето, кој смета дека обвинетиот ги исполнува сите услови од член 1, став 2 од законот.
Жалба поднесе и адвокатката на Горан Ѓошевски од обезбедувањето на поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељановски. Изненадена е од одбивањето на нејзиниот клиент и образложението што го добиле притоа. Очекувала барем поадекватно образложение од Кривичниот совет. Решението, вели, иако е на три страници, во него нема ништо конкретно, освен препишани работи од обвинителниот акт кои не се во корелација со вистината.
Жалби најавија и адвокатите на Александар Василевски-Нинџа, на Мунир Пепиќ и на Митко Пешов. Некои од нив, се` уште не ги добиле решенијата од судот. Рокот за жалба тече од добивањето на решенијата, додека Апелациониот суд има три дена да одлучи по жалбите.
Амнестија, според овој закон добија 15-мина обвинети. Меѓу нив се и петмината пратеници, двајца вработени во кабинетот на претседателот Ѓорѓе Иванов, како и организаторите на протестот „За заедничка Македонија“ – Богдан Илиевски, Борис Дамовски и Владо Јовановски.
Петмина обвинети, пак, одлучија да не бараат амнестија. Тоа се ексдиректорот на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков, дежурниот во оперативниот штаб на МВР, Душко Лазаров, оперскиот пејач Игор Дурловски, Јане Ченто и Игор Југ. За нив судењето ќе продолжи на 15 јануари, кога ќе бидат изнесени и завршните зборови.
Далиборка Демјанска