Антракс кај стадо овци

Во Македонија има антракс, заразна болест што ги напаѓа животните, а може да се пренесе и на човек, потврдија од Агенцијата за храна и ветеринарство. Болеста е потврдена кај овци во кичевско, а ниту еден човек не е инфициран, смируваат надлежните. Антраксот може да се пренесе со конзумирање контаминирано месо или пак ако бактеријата навлезе во телото преку рана на кожата.

„Во селото Долно Строгомиште, кичевско, угинатите животни под надзор на официјален ветеринар се спалени и нештетно отстранети, а во фармата е извршено темелно чистење и дезинфекција. Засега болеста е детектирана само кај едно одгледувалиште, а соседните одгледувалишта се под надзор“, соопштуваат од Агенција за храна и ветеринарство.

Денес од опозицијата ја обвинија власта дека извесен период се обидува да го скрие присуството на болеста во делови од државата. Побараа одговор – што правеле на Инфективна триесетина вработени од Факултетот за ветеринарна медицина.

Властите им возвратија. Луѓето примаат превентивна терапија. Ниту има болни, ниту има простор за паника.

„Ситуацијата внимателно се следи. Преземени се сите потребни мерки за превенција со профилакса од Антракс. Министерството информира дека нема заболени граѓани од антракс во нашата држава“, порачуваат од Министерство за здравство.

Симптомите на антракс се слични како и кај грип. Присуството на болеста се потврдува со кожна биопсија. За да спречат да се прошири болеста кај животните во селото Долно Строгомиште и да се отстрани опасноста луѓе да бидат инфицирани, од Агенцијата за храна и ветеринарство наредиле вакцинација кај добитокот против антракс.

Петар Догов

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ