Дивоградбите на Матка пред Антикорупциска

Откако сите институции се прогласија за ненадлежни, антикорупционерите одлучија тие да се позанимаваат со дивоградбите на Матка. Ќе спроведат истрага за сомнежите во јавноста за корупција во целиот случај, а ќе проверуваат и дали има злоупотреба и незаконско постапување во општината Сарај.

Нов предмет се отвора и за две вработувања на правници во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, откако изборите веќе беа распишани. Од 18-те случаи на непотизам во власта, решени се само тие беровскиот градоначалник и пратеничката од истата општина. Утврдено е дека, ќерката на Емилија Александрова, за која имаше сомнежи дека е вработена во Фондот за иновации, воопшто и не конкурирала за тоа работно место. Не е спорно ниту вработувањето на сопругата на градоначалникот Ѕвонко Пекевски, која и претходно работела  во истото училиште со договор на дело, а по две години, преминала во редовен работен однос. За вработувањето на ќерката на собранискиот спикер, Талат Џафери, се чекаат  дополнителни податоци.

За именувањата на Иванов се` уште нема одлука, затоа што доцни документацијата од министерството за одбрана. Се чекаат уште документи и во врска со неговиот имот. Тендерите што Собранието ги распиша за време на изборен процес, не се спорни затоа што планот за јавни набавки е порано изготвен. Но, затоа ќе се прави опсежна анализа на целиот јавен сектор, каде со години наназад има сомнежи за наместени конкурси и креирани работни места преку систематизациите.

Далиборка Демјанска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ