
Антикорупциска ќе ја проверува академската кариера на Адеми, Нухиу и Емрули
Антикорупциска ќе ја истражува академската кариера на тројца фунционери по поднесена преставка од просветниот инспектор Ѓорѓи Илиевски.
Инспекторот Илиевски, по вчерашниот демант од Државниот просветен инспекторат, кој се огради од неговите тврдења и кажа дека станува збор за негов личен став, кој го кажал додека е на годишен одмор, испрати писмо во кое вели дека очекувал ваков епилог.
- Не сум изненаден од директорот на Државниот просветен инспекторат, Томе Спироски и раководителот на Секторот за инспекциски надзор, Африм Саљиу, со ваквото соопштение бидејќи тие ми вршеа притисок со закани да се повлечат записниците и да не се праќаат решенија оти ќе трпам последици ако не ги повлечам записниците и не смеам да пуштам решенија, вели Ѓорѓи Илиевски – Виш просветен инспектор
Преставката до Антикорупциска била поднесена пред три недели. Во неа стои дека Министерот за образование Арбер Адеми, и двајца сегашни функциoнери во Владата незаконски се стекнале со наставно-научни звања на тетовскиот универзитет – заменик-министерот за внатрешни работи Агим Нухиу и директорот на Државниот завод за индустриска сопственост, Сафет Емрули.
Теодора Цветковска