
Антикорупциска ќе испитува спорна прес конференција во Општина Шуто Оризари
Антикорупциска ќе испитува дали се прекршени законите со прес конференцијата која се одржала во простори во зграда во која се наоѓа администрацијата на Општина Шуто Оризари а на која била дадена поддршка на претседателскиот кандидат Стево Пендаровски. Приговорот поднесен од опозициската ВМРО ДПМНЕ беше прифатен едногласно.
Претставникот на Општината објасни дека тие простории не се на општината а се користени бидејќи немало други во Шуто Оризари и дека администрацијата се наоѓа на друг кат во зградата издвоен со посебен влез а на прес конференцијата немало партиски обележја.
На денешната седница на Антикорупциска беа разгледани уште осум приговори, сите поднесени од генералниот секретар на ВРМО – ДПМНЕ, Игор Јанушев, и сите беа одбиени.
Приговорите на опозицијата се однесуваа на распишани огласи за вработување во Водовод, оглас за субвенционирање на вработување на практиканти, реконструкција на улица во Општина Карпош, доделување на еднократна помош на социјално загроени семејства во Општина центар, огласи на Владата и на минисерството за шумарство за доделување на средства и огласи за субвенции на велосипеди и инвертори од Град Скопје.
Од Антикорупциска образложија дека приговорите се одбиваат бидејќи станува збор за годишни програми усвонеи пред распишувањето на изборите и почетокот на изборната кампања и дека исплатата на средствата се врши по завршувањето на изборите. Сепак тие побараа од Обвинителството да утврди зошто во огласот за субвенции на велосипеди распишан од Град Скопје не е наведено објаснување дека исплатата ќе се изврши по завршувањето на изборите како што е и во огласот за субввенционирање на инверторите.
Огнен Чанчаревиќ