Антикорупциска ќе го испитува имотот на судии и обвинители но не заради барањето на премиерот

Антикорупциската комисија ќе го проверува имотот на судиите и обвинителите во 2020 година бидејќи тоа е предвидено со годишниот план за работа и барањето на премиерот Заев не влијае врз тој процес.

Според антикорупционерите анализата и проценката на ризици од корупција, кои се основа за Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси, покажале дека правосудството е еден од клучните сектори каде мора да се врши проверка.

„Согласно утврдените ризици во споменатата анализа, правосудството е оценето како столб со висок ризик од коруптивни и други влијанија, па оттаму носителите на функции од овој столб судиите и јавните обвинители ќе бидат  дел од Годишниот план за следење на имотната состојба и судирот на интереси за 2020 година. Годишниот план ќе се утврди и ќе се спроведе  врз основа на законските надлежности а согласно расположливите човечки и  материјално – технички капацитети на Државната комисија“ – тврдат од државната комисија за спречување на корупцијата.

Оттаму велат дека освен проверката на податоците во анкетните листови ќе се испитува и имотната состојба кај оние судии и обвинители за кои постои сомневање или има инфромации за несразмерно зголемување. 

Во делот на испитувањето на судир на антикорупционерите останаа децидно на својот став, тие може да испитуваат дали судиите и обвинителите челновуваат во надзорни и управни одбори или невладини организации и здруженија кои евентуално би можеле да доведат до судир на интереси, но не и какви меѓусебни врски имаат со адвокати и други лица.

Од комисијата потенцираат дека испитувањето на имотната состојба е нивна нова надлежност, тоа досега го правеше УЈП, и затоа е потребно  зајакнување на човечките и  материјално – технички услови но и  вклучување на други истражни органи.

Тие побараа од премиерот да ги координира сите надлежни институции и да им даде јконкретни задолжени за да може овој процес да заврши што е можно поуспешно.

Премиерот Зоран Заев во вчерашното видео обраќање до јавноста побара од антикорупционерите веднаш да почнат со проверките за како што кажа да се „исчисти“ правосудството од корумпирани судии и обвинители кои според него ги минирале процесите каде се обвинети лица од претходната власт.

Тој побара и да се истражат и судирите на интереси а Судскиот совет и Советот на обвинители да ја проверат одговорноста на судиите и обвинителите за застарување на предметите.

Огнен Чанчаревиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ