Анти-НАТО и антиевропски инсталации во медиумите – цел на истражување на Агенцијата за разузнавање

Анти НАТО и антиевропски инсталации дури во медиумите и политиката биле цел на македонските разузнавачи лани. Ова го пишува во најновиот извештај за работата на Агенцијата за разузнавање во 2017 година. Како клучни моменти кога имало Закани за земјава се истакнати промената на власта и промена кај соседите. Ова е прва година делови од годишен извештај на агенцијата да станат декласифицирани информации.

Графата – Јавни документи на веб страницата на Агенцијата за разузнавање не е веќе празна. Се пополни со само еден документ кој од таен стана јавен. Годишен извештај на агенцијата за нејзината  работа во 2017-та година.

Документот кој беше класифициран и разгледуван на собраниската комисија зад затворени врати на 23 март за прв пат е декласифициран за јавност, но само со најопштите податоци за работата на Агенцијата. А таму разузнавачите откриле дека имале приоритети. Истражувале со разузнавачки речник кажано – надворешни деструктивни сили, со инсталации во медиумите и политиката, а со една цел.

„Разузнавачките приоритети беа насочени кон детектирање и откривање деструктивно влијание на надворешни сили, кои преку медиумско – политички инсталации во РМ и регионот  се обидуваа да влијаат врз перцепцијата на граѓаните со проектирање на антизападен (анти НАТО/ЕУ) наратив“, стои во извештајот на Агенција за разузнавање.

Што точно се подразбира под терминот надворешни сили нема објаснување. Како специфични моменти разузнавачите ги потенцирале промената на власта. А токму после „Крвавиот четврток“, најзапаметен ќе остане скандалот со присуството на српскиот разузнавач Горан Живаљевиќ во Собранието на 27-ми април. А тој заврши со взаемно повлекување на разузнавачите од своите дипломатски претставништва и привремено Скопје и Белград ја прекинаа соработката со размена на безбедносно-дипломатски претставници.

Сепак во извештајот Агенцијата напишала дека соработувала со колегите од соседството и тоа поради откривање на илегална миграција, верски радикализам, и меѓународен тероризам како и транснационален организиран криминал.

„Од интерес беше транснационалната криминална поврзаност со политички структури, корупција, перење пари, креирање на сиви зони за развој други видиви криминал. Поради засилените активности на шверцерските мрежи за илегална миграција агенцијата вршеше интервјуа и набљудување на странски државјани во прифатните транзитни центри, стои во извештајот на Агенција за разузнавање.

Ова е прв ваков потег на Агенцијата за разузнавање воспоставен по доаѓањето на новиот директор Зоран Иванов. Причина е да се зголеми транспарентноста и отчетноста за работата на разузнавачите.

Билјана Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ