
Анѓушев: Уште во октомври побарав Финансии да ја донесе уредбата за плаќање за нафтените резерви, од Финансии велат – правиме анализи
Уште есента лани побарав Министерството за финансии да ја донесе уредбата со која државата конечно би почнала да им плаќа соодветен надоместок на приватните компании кои ги чуваат државните нафтени резерви, но ресорот на за финансии се уште ја нема донесено. Вакво е образложението на вицепремиерот Анѓушев зошто уште не е решен проблемот со плаќањето на државата кон складиштарите, за што пред неколку дена алармираше и Јанез Копач, директор на Секретеријатот на Европската енергетска заедница. Пред десетина дена бил одржан состаноки меѓу претставници на нафтените компании, премиерот и министрите, на кој Владата дала понуди за надоместокот, Анѓушев вели – блиску сме до договор.
Како претседател на Комисијата за економски систем во Владата, неколку пати предложив до Владата заклучок со кој оваа уредба треба да се донесе, и во октомври и во ноември, со што беше задолжено Министерството за финансии, оваа уредба да се донесе. Министерството за финансии работеше на Уредбата, пред околу десетина дена имавме состанок со компаниите од нафтениот сектор, Министерството за финансии, премиерот и јас, на кој донесовме заклучок, понудивме одредени вредности и цени. Знаете дека со години наназад е плаќано нула, практично ништо за складиштењето на нафтените деривати, ние предложивме одредена цена, мислам дека сме блиску со компаниите да дојдеме до решение за вредноста, вели Кочо Анѓушев, вицепремиер за економски прашања.
Од Кабинетот на министерот за финансии Тевдовски, пак, само кусо ни одговорија дека „Уредбата е во фаза на подготовка, се прават анализи“. По пет месеци анмализи, нема одговор на прашањето кога се очекува да се донесе уредбата и кога би стартувало плаќањето на надоместокот на нафтените компании.
Јанез Копач од ЕЕЗ, пак, пред неколку дена повторно децидно и порача на државата дека треба да ги подмирува навремено долговите кон компаните кои се чувари на резервите на нафта. Тој предупреди дека нивото на нафтени резерви во земјава, кое беше највисоко во целата енергетска заедница, се намалило, а причината се нерешените односи во делот на плаќањето кои постојат веќе неколку години. Вицепремиерот, пак, уверува дека не треба да има никаква грижа, државата, вели има и количини и пари за набавка на нафта и деривати.
Со оглед дека не постоеше уредба и компаниите не сакаа да примаат нафта и деривати во тие резервоари, пари за купување резерви има – во Дирекцијата за складирање деривати. Така да, нема никаква грижа, ние апсолутно имаме. Како збир на она што го имаме како течност на нафтени деривати и она што го имаме како средства на сметката на Дирекцијата, ние апсолутно сме најкдобри во регионот“, вели Анѓушев.
Засега земјава е единствена во која не се плаќа за чувањето, туку на складиштарите им се дозволува да користат 30 отсто од резервите, со што тие не се согласуваат. Граѓаните, пак, со секој купен литар гориво и плаќаат на државата за нафтените резерви, и по оваа основа таа годишно собира околу осум милиони евра, па се поставува прашањето каде завршуваат овие пари. Проценките говорат дека приватните компании годишно трошат по 3 до 4 милиони евра за чување на државните резерви во своите резервоари.
За другите забелешки од енергетската заедница, вицепремиерот Аншушев смета дека зборот искара е пресилен, тој упатува на пофалните зборови за Владата, иако признава дека се доцни со одредени поидзаконски акти, но тоа било за да се направат поквалитетно.
Нина Нинеска-Фиданоска