Анѓушев не коментира за владината помош за исплата на плати во „Брако“ – од „Систина“ велат ги исполниле условите

„Одлучив да не коментирам“- ни рече Кочо Анѓушев во телефонски разговор на прашањето зошто како доскорешен вицепремиер, а сега бизнисмен се одлучил да конкурира за државна помош за исплата на априлската плата за вработените во Брако. И зошто воопшто донираше на државата за борба со Ковид 19, кога после од неа добил 106.000 евра за платите во Брако. Анѓушев кога седна во вицепремиерската фотеја беше најбогатиот функционер со капитал од 28 милиони евра, а во меѓувреме ја  продаде и компанијата за трговија со струја ЕДС.

Од Систина пак на Орце Камчев, кој беше најбогатиот македонец според магазинот „Форбс“, кој неговиот капитал пред некоја година го процени на 238 милиони долари, велат аплицирале оти ги исполниле условите.Извршниот директор на болницата, Ѓун Ѓунсој за „Телма“ вели имаат подеднакво право да аплицираат како сите други компшании погодени од кризата.

  • Ефектот на корона кризата за Аџибадем Систина предизвика повеќе од 70% намалување на приходите при екстремно намален интензитет на работа,а со екстремно зголемени трошоци за медицински заштитни средства и опрема кои се зголемија за преку 300%.“– изјави за „Телма“ Ѓун Ѓунсој главен извршен директор на Клиничката болница „Аџибадем Систина“

Според универзитетскиот професор пак Бранимир Јовановиќ со ова уште еднаш се потврди дека Владата во криза повеќе се грижела за големите компании и богатите отколку за малите фирми и сиромашните. Тој вели дека помошта требало да биде условена – односно да не се дава на фирми со високи профити.

  • Не може никако да се каже дека е оправдано државата да дава пари на фирми кои што остваруваат такви високи добивки. „Кромберт и Шуберт“ остварила 4 милиони евра нето добивка значи после даноци. Да не заборавиме исто така дека таа фирма е ослободена од даноци и користи државна помош. Понатаму „Систина“ остварува 4 милиони евра чиста добивка и сега државата на таа фирма и дава пари за да исплати плати како таа да нема пари за да исплати плати. Или „Брако“ на Кочо Анѓушев остварила добивка од 1,3 милиони евра. Иронијата да биде уште поголема гледаме дека мали фирми се жалат како не им се одобруваат барањата – вели Јовановиќ

Од Министерството за финансии велат дека целта на мерката била да се заштитат работните места и ликвидноста и важела за сите компании. Уредбата предвидувала големите компании кои ќе остварат добивка годинава, до година да ја вратат поддршката, за разлика од малите за кои ако исполнат одредни услови помошта може да биде неповратна.

Инаку „Телма“ ја објави листата на компании кои добија помош од државата за исплата на априлската плата, а на неа покрај Фирмите на Камчев и Анѓушев се најдоа  приватни средни училишта и универзитети, голем дел странски инвеститори во зоните, медиуми, текстилни фабрики и многу обложувалници и казина. Така „Кромберт и Шуберт“ добила најмногу 1,2 милиони евра, а „Спорт лајф“ 183.000 евра, Делта Бет над 132.000 евра, Сенатор 131.000 евра, а  „Принцес хотел и казино“ од Гевгелија  речиси 120.000 евра. Земјоделскиот комбинат „Пелагонија“ од Битола добил нешто под 100.000 евра, а пари добила и компанијата „Пелистерка“, винарската визба „Тиквеш“, дури и компанијата „Дурмо Турс“ за која се води судски процес за несреќата кај Ласкарци. На листата е и „Исламската заедница – Муфтивство Прилеп“ кај која легнале над 32.000 евра.

 

Александра Филиповска

 

Објавено на
© 2024 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ