Ангеловски: Нема повеќе незаконско прислушување

Незаконско прислушување нема!

Овие зборови на директорот на новоформираната Оперативно-техничка агенција беа дел од неговото прво обраќање пред јавноста. Зборовите дека не се прислушува нелегално ги кажа пред членовите на собраниската комисија за надзор на следењето на комуникации кои се интересираа како течат роковите за новиот начин на следење на комуникации, откако претходниот модел беше злоупотребен од некогашното раководство на УБК, предводено од директорот Саши Мијалков и началникот Горан Грујевски.

За да профункционира ОТА има уште два дена законски рок. Локацијата на ОТА како што објави Телма пред две недели, е на третиот кат во зградата на Телеком во центарот на Скопје.

Рокот за старт е задутре, но се знае што нема да биде завршено дотогаш, вработувањето на законски предвидениот состав на ОТА, како и формирањето на граѓанската комисија за надозр која ќе биде избрана во Парламентот.

ОТА е формирана откако за надминување на злоупотребите со системот за следење на комуникации е пресликан хрватскиот модел за следење на комуникации. Досега прислушувањето се вршеше во УБК каде беа произведени илјадници часови нелегално прислушувани разговори од кои дел со злоупотребите на функционерите ги презеде СЈО.

Миомир Серафиновиќ

Објавено на
© 2024 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ