
Ангеловски нема да експериментира, со проверени сили на тест средбите во Анталија
Селекторот на Македонската фудбалска репрезентација Игор Ангеловски го направи изборот за претстојните контролни средби против Финска и Азербејџан што ќе се одиграат во Анталија. Без да експериментира ги повика играчите кои беа стандардни во 2017 та година. На списокот направи само една принудна промена бидејќи на местото на повредениот голман Дејан Митов Нилсен го повика Дејан Илиев од Арсенал.
„Сметам дека во овој момент нема простор за експерименти, а освен тоа, 2017 беше добра година и задоволен сум од сите репрезентативци што беа повикани. Тоа што е добро не треба да се менува. Имаме голема шанса во Лигата на Нации и сакам да го освоиме првото место. Ги следам сите фудбалери и стојам зад изборот што го направив“, изјави Ангеловски.
Првиот собир е закажан на 18 март во Анталија каде ќе бидат одработени мини подготовките во пресрет на двата меча против Финска на 23 ти март и четири дена подоцна против Азербејџан.
Список на повикани репрезентативци:
Голмани: Столе Димитриевски, Дејан Илиев
Одбрана: Стефан Ристовски, Ѓоко Зајков, Кристијан Тошевски, Кире Ристевски, Дарко Велковски, Висар Муслиу
Среден ред: Аријан Адеми, Енис Барди, Стефан Спировски, Бобан Николов, Езгјан Алиоски, Марјан Радески, Ферхан Хасани
Напад: Горан Пандев, Илија Несторовски, Александар Трајковски, Иван Тричковски.