
Ангеловска во отворена војна со дополнителната заменичка Кочоска
Забрана да комуницираат и да даваат документи и информации на дополнителната заменичка-министерка Гордана Димитриеска-Кочоска. Со ваков мејл постпразнично министерката за финансии Нина Ангеловска, рано утринава ги пречекала вработените во ресорот, но и дополнителната заменичка од Техничката влада која денеска прв пат „стапна“ на работа во министерството. Ангеловска со мејлот дури назначила и лице без кое не може да помине ниту една информација со дополнителната заменичка и нејзиниот кабинет
Секоја комуникација и барања упатени до дополнителниот заменик-министер или член на неговиот кабинет кон поединечни вработени во одредени сектори, мора прво да бидат одобрени од раководител на сектор и/или државен советник, а раководителот на сектор/државниот советник треба да има претходно одобрување од кабинет на министер, пишува во дописот.
Министерството за финансии излезе со демант. Велат нема никаква забранета комуникација, туку тоа е дел од Процедурите за работа.
Организацијата на работата на Министерството за финансии, како и кај секој државен орган, е точно утврдена и пропишана со Процедури за работа, согласно кои вработените го работат предметот, го доставуваат до раководното лице на одобрување, а потоа до Кабинетот на одобрување – што е пракса години наназад. Структурата на изработка и проверка на предмети постои токму со таа цел, стои во демантот од финансии.
Додека траеја преписките пак Ангеловска на „Фејсбук“ објави заедничка фотографија со Кочоска, од како што вели „првичниот состанок за добредојде“. Кочоска исто на „Фејсбук“ и врати на Ангеловска.
Забраната за комуникација само го потврдува стравот од разобличување на вистината. А верувам дека бргу ќе се дознае и што е тоа што Власта не сака да се знае и какви параметри се сакаат да се сокријат, вели на Кочоска.
Согласно Пржинскиот договор, дополнителните заменици-министри кои се од редовите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ имаат врзан потпис со министерот.
Александра Филиповска