
Ангеловска: Ратите за “брзите кредити“ и за лизинг се намалуваат за 70 % во наредните 3 месеци
Ратите на кредитите од финансиските друштва и лизинг компаниите се намалуваат за најмалку 70% во следните три месеци. За овие средства нема да смеат да се пресметуваат и наплатуваат трошоци провизии и казнени камати. Овие обврски рамномерно ќе се распоредат на останатите рати во текот на исплатата, или може да се продолжи отплатата за најмалку 90 дена- соопшти Министерката за финансии Нина Ангеловска.
Известувањето за новите услови граѓаните ќе ги добијат преку веб-страната на финансиското или лизинг друштво, смс, е-маил или друга електронска комуникација. Ако во рок од 10 дена не ја одбијат понудата, истата ќе се смета за е прифатена. А за правните лица ќе се одлучува индивидуално, по барање на самиот клиент, доставено исто така електронски.
Владата на денешната седница донесе Уредба со законска сила за примена на Законот за заштита на потрошувачите при договори за потрошувачки кредити за време на вонредната состојба.
Министерката појаснува дека со намалување на законската затезна камата, ставката на вкупните трошоци кои се наплаќаат кои изнесуваа 51% од вкупната сума на кредитот, сега се намалуваат на 31%. Останатите трошоци кои досега не беа ограничени, сега се ограничуваат на 30% од одобрениот кредит.
Нови договори за кредити пак, може да се одобруваат со 3 месеци грејс период по барање на корисникот и во тој период ќе се пресметува само договорна камата.