
Ангеловска нема да одобри буџет поголем од 4 милијарди евра – министрите барале повеќе
Министерката за финансии, Нина Ангеловска нема да одобри буџет поголем од 4 милијарди евра. Иако, во првичната верзија на буџетот – која не беше усвоена на владина седница барањата на министрите се поголеми и достигнуваат сума од околу 4,4 милијарди евра, планот на Министерството за финансии е речиси сите да добијат помалку од она што побарале.
Во таа насока е и реакцијата на Министерството за финансии испратена до Телма, во кој се посочува дека шпекулации за износите не се потребни, но потенцираат дека буџетот за следната година ќе биде помал од 4,4 милијарди евра.
Финалните усогласувања со министерствата треба да бидат направени вечерва а утре буџетот да се најде на владина седница.
Минатата недела, за првпат буџетот не беше усвоен на владина седница а официјалниот став беше дека оставени се повеќе отворени прашања кои треба да бидат допрецизирани за да се утврди конечниот износ на буџетот.
Во предлог- буџетот кој се разгледувал на владина седница – како и во сите досегашни буџети најголем е износот на Министерството за труд и социјална политика каде се планирани нешто повеќе од 800 милиони евра, иако и тука имало поголемо барање. Во буџетот на ова министерство предвидени се суми за владините мерки за намалување на сиромаштија, како што е минималната плата и субвенции за повисоки плати.
Во предлог буџетот – разгледувано било вкупното задолжување да биде една милијарда евра, од кои 400 милиони евра се домашно а 600 милиони евра се задолжување во странство. Сепак, иако задолжувањето е една милијарда евра – нето износот на задолжување ќе биде околу 400 милиони евра, бидејќи за раздолжување стигнува сума од 600 милиони евра.Од министерството за финансии,официјланоостануваат на ставот дека дефицитот ќе биде 2,3 отсто од БДП а јавниот долг нема да го надмине она што е планирано во фискалната стратегија.
Наташа Стојановска