Ангеловска го презеде раководењето со народните пари, ребалансот прв предизвик

Била вклучена во кроењето на ребалансот во неговата завршна фаза, но ќе мора да го потпише и да го брани пред народните избраници. Новата министерка за финансии, Нина Ангеловска, денеска ја презеде една од најодговорните функции во државата. Нејзиниот претходник, Тевдовски, кој си замина по реконструкцијата, го нема на официјалното примопредавање, добредојде посакале заменичката Елези и државната секретарка, Петановска. Затоа, пак, првата финасиерка на средба со премиерот Заев, кој прво најави па се повлече од вршење на министерската работа, на последни консултации. Тој на својот фејсбук профил објави дека подготовката на ребалансот е во финална фаза, вели дека ќе даде поддршка на капиталните проекти и на новите мерки за повисоки плати и подобри услуги за граѓаните.

„Драго ми е што се зголемува и бројот на жени во Владата. Министерката Нина Ангеловска и заменичката Ширет Елези ја имаат мојата целосна поддршка да управуваат со државната каса следејќи го интересот на граѓаните“, напиша премиерот Зоран Заев.

И покрај инсистирањето на Телма, ниту од Финансии, ниту од Владата не откриваат детали што содржи корекцијата на најгломазниот буџет досега, тежок 3,7 милијарди евра. Велат дека се ќе се знае после утрешната седница, на која тгреба да се усвои, па потоа да оди во собраниска процедура. Каде ќе се скрати, и дали тоа ќе биде од ставката капитални инвестиции, кои се потрошени само една четвртина за седум месеци. Или, од планирани 422 милиони евра, се реализирале 103, па остануваат дури 319 милиони, што е тешко изводливо и покрај владините амбиции. Не се обзнанува ни дали отттука или од друго место, и од каде ќе се обезбедат 40 милиони евра, со кои Владата ќе ги плаќа придонесите на работодавачите. Во интервју за МИА министерката вели дека мерката е вградена за последните два месеци, а се планира законот да се донесе на први октомври.

„Она што сега можам да ви кажам е дека пресметката е вклучена во ребалансот и сметам дека е добро тоа што мерката ќе овозможи малите и средни компании и воопшто компании да можат да дадат поголеми плати, а притоа да бидат ослободени од плаќање на придонесите“, вели Нина Ангеловска, министерка за финансии.

Премиерот Заев од Собранието откри дека овие 40 милиони евра ќе се наменат за супституирање на придонесите, што ќе важи за оние газди што ќе ги зголемат платите до 100 евра. За тој дел тие нема да плаќаат пензиско и здравствено, па се очекува така да се мотивираат да не даваат дел од платите во кеш. Опозицијата реагираше дека плаќањето плата во плик е спротивно на законот, и ако премиерот имал сознанија дека тоа некој го прави, требало да го пријави кај надлежните институции.   

Доаѓајќи од приватниот сектор, Ангеловска најавува дека ќе се залага за дарежливост за инвестиции и добри проекти, што ќе ги враќаат парите, ќе донесат раст и ќе ја намалат невработеноста, но за скржавост за непродуктивни трошења. Ќе бара да се донесе новиот закон за буџети, нов систем што ќе ја зголеми фискалната дисциплина и транспарентност, што од корен ќе го смени водење на јавните финансии. Има идеја, која зсега не се споделува, како ќе се подобри трошењето на парите за капитални инвестиции. За експертите, тоа ќе биде еден од најголемите предизвици.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ