Ангеловска-Давидсе: Рамката за соработка со Светска банка се одвива со одлична динамика

Рамката за соработка со Светска банка 2019-2023 се одвива со одлична динамика, оцениле министерката за финансии Нина Ангеловска и извршниот директор на Холандската конституенца на Меѓународниот монетарен фонд и Светска банка, Кун Давидсе на нивната прва официјална средба што се одржа во Њујорк.

Според министерката Ангеловска, со реализацијата на проектите предвидени од четиригодишната Рамка за соработка во вредност од 420 милиони долари, ќе се инвестира во подобрување на конкурентноста на приватниот сектор преку инвестиции во инфраструктурата, развој на човечкиот потенцијал и поголема инклузија, како и во зајакнувањето на менаџирањето со јавните финансии и поголемата одржливост на енергетските извори.

– За нас, партнерството со Светска банка и поддршката што ни ја дава во развојот на нашата земја и нашиот пат кон ЕУ и НАТО, е од големо значење. Само со јасна стратегија и цел можеме на граѓаните да им понудиме подобри услови за живот, а Рамката за соработка е одлична основа за тоа, истакнала  Ангеловска.

Извршниот директор на Холандската конституенца посочил дека земјата ја има неговата поддршка за што побрза имплементација на Рамката за соработка, а изразил и верба во капацитетите за нејзино спроведување.

Тој оценил дека Република Северна Македонија се движи во вистинска насока гледајќи го економскиот раст, намалувањето на невработеностa и останатите економски параметри кои укажуваат на стабилна клима за инвестирање.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ