
Ана Камчева: На Боки му дадов 350.000 евра во несесер
Со сведочење на сопругата на бизнисменот Камчев, Ана Камчева почна денешното рочиште за предметот Рекет. Таа сведочи како заедно со нејзиниот сопруг Орце Камчев наводно биле рекетирани од Бојан Јовановски и Катица Јанева.
Раскажа дека имала неколку средби со Јовановски, а после втората средба и побарал пари.
-Решивме да ги дадеме парите. Благајничката извади 350.000 евра, а 150.000 евра требаше да обезбеди Зоран Милевски Кичеец. Парите, 350.000 евра беа во несесер и ги донесе Ратка Камчева, мајката на Орце. Заедно со Кичеец отидовме во домот на Јовановски, во кој беше Сергеј. Бојан се шегуваше на несесерот и реагираше што има поситни банкноти, по што забележа дека фалат 150.000 евра. Кичеец рече дека тој ќе го обезбеди остатокот.
На втората средба, како што рече, во домот на Јовановски присуствувала и Катица Јанева. А на таа средба рече дека зборувале за децата.
Јанева и кажала дека благодарение на Бојан нејзиниот син се вработил,
инаку би требало да оди да работи на брод. Потоа ми рече да ја повлечам гаранцијата од 14 милиони евра, понудена за притворот, наводно била незаконска, и дека по нејзина гаранција ќе биде пуштен, како и што се случи, рече Камчева, која додаде дека Јанева и се заканила дека доколку нешто излезе од разговорите ќе знаела дека е таа и ќе има уште многу други предмети во кои може да го вмеша нејзиниот сопруг.
Камчева потенцираше дека не била присутна кога нејзиниот сопруг на Јовановски му дал 1 милион евра. Додаде дека немала верба во институциите бидејќи Боки 13 често се слушал со Оливер Спасовски и со Фросина Ременски, чиј сопруг работел во УБК.
Одбраната на Бојан Јовановски вели дека дел од сведочењето на Камчева се разликува од исказот кој го дала во истрагата, посебно во износот на парите. Одбраната вели дека во истрагата рекла дека донела пола милион евра, а сега сведочи за сума од 350 илјади евра.