
Амнестијата за 27-ми не паѓа на Уставен суд
Амнестијата што Собранието им ја овозможи на обвинетите и осомничените за 27-ми април останува на сила. Мнозинството уставни судии се согласија дека законодавецот има право да го определи опфатот на простувањето за направени кривични дела.
Државата може да изрази милост кон сторителите на кривични дела. Кому и за какви дела, определува Собранието со закон, вели Владимир Стојановски, уставен судија-известител
- Ние немаме право да ги оценуваме одлуките на судот за амнестирање поединци. Го оценуваме законот и немаме основа да се сомневаме дека Собранието врши некаква дискриминација, вели уставниот судија Осман Кадриу.
Дел од судиите запрашаа дали изземањето на делата здружување заради непријателска дејност, тероризам или насилство со прикриен идентитет, не ги доведува сторителите во нееднаква положба.
- За споредба, амнестијата на учесниците во воениот конфликт од 2001 беше целосна, никој не беше исклучен од неа без оглед на направеното дело, вели уставниот судија Јован Јосифовски.
- Во иднина, Собранието треба да води сметка кога објавува амнестија за некој настан, таа да важи за сите учесници, а не сторителите да се делат според извршените дела, вели судијата Никола Ивановски.
Претседателот на Судот, Сали Мурати, ја доведе во прашање оправданоста на амнестијата.
- Секој треба да одговара за делото што го направил, за да не се урива владеењето на правото. Зошто да биде амнестиран некој што насилно сакал да ги урне основните темели на државата? прашува Мурати.
Иницијативата пред Уставниот суд ја поднесе поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков. Тој отслужува затворска казна од 18 години, бидејќи амнестијата не го опфати. За „крвавиот четврток“ се казнети 15 лица, а исто толку се амнестирани.
Соња Николовска