Амнестијата ја испразни судницата во најголемиот судски процес за „Крвавиот четврток“

Полупразна беше денеска најголемата судница во новата зграда од кривичниот суд на судскиот процес за 27 ми април. Од 33 ца обвинети, недостигаа оние кои се амнестирани а тоа се 15 мина. Не беа донесени ниту оние кои се бранат од притвор бидејќи судијката Добрила Кацарска го известила затворот дека денешното рочиште ќе се одложи. Причина за ова е што не се правосилни решенијата на оние кои не беа амнестирани бидејќи се уште трае жалбената постапка. Присутни беа само осуммина меѓу кои и оние кои воопшто и не бараа амнестија. На рочиштето на кое беше предвидено да се слушнат завршните зборови на обвинителката Вилма Русковска, судијката Кацарска истакна дека постои правна пречка тоа да продолжи.

  • Одлуките за лицата за кои беа одбиени барањата за амнестија не се правосилни. За обвинетиот Горан Ѓошевски Леви решението е со грешки и е вратено на повторно одлучување во судот. Информирана сум дека и Мунир Пепиќ барал јавна седница во повисокиот суд но таа воопшто и не е закажана. Следното рочиште ќе продолжи на 21 јануари за кога се надевам дека решенијата ќе бидат правосилни, изјави Кацарска.

Во меѓувреме Русковска ќе мора да го измени и обвинението и да ги исфрли сите кои ќе добијат амнестија. Тие нема да се најдат ниту во нејзините завршни зборови. Оние обвинети чии барања за амнестија беа одбиени не сакаа да коментриаат, своите очекувања од процесот не ги кажаа ниту оние кои одлучија да ја одбијат амнестијата.

Од Кривичен за Телма потврдуваат дека до сега се правосилни само четири одлуки со кои е одбиена амнестија. Процедурата се очекува да заврши до крајот на неделава. По ова продолжува завршната фаза од судењето.

Билјана Николовска

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ