
Американците повторно ќе вежбаат на Криволак – сега и со хеликоптери
Американските воени хеликоптери блек хок, ќе летаат во воена вежба и над Македонија односно на полигонот Криволак на кој од први до 20-ти август тренинг ќе одржат 120 припадници на американската армија. За возврат, македонските војници, ќе набљудуваат и ќе учат од нив, а заедно ќе вежбаат и од минофрлачи.
Ова е веќе втора година во низа, како американски војници ќе престојуваат во Криволак, а еден од американските воени претставнии присутен на деншниот брифинг во министерството за одбрана полигонот кај Неготино го нарече необработен скапоцен камен кој може да се користи за воени вежби и да се изнајмува. Американските војници доаѓаат откако Криволак од надлежната комисија на армијата на САД беше одобрен да може да се користи за обука.
Тренингот, како што беше посочено на денешниот брифинг во Министерството за одбрана, има за цел да го потврди капацитетот на АРМ да биде домаќин на поголеми воени обуки и практична потврда на терен дека Криволак има капацитет да биде регионален воен полигон.
Од друга страна, Криволак постојано се надградува, сега со американска помош во план е изградба на два нови тренинг центри, еден за борба во урбана средина и втор полигон за отстранување на подметнат експлозив на патишта. Овие нови центри за обука, всушност ќе бидат наменети за обука на војници кои ќе одат на мисии. Претставниците на АРМ оценија дека е можно и да се прошират границите на полигонот, кој е формиран пред 50 години.
Миомир Серафиновиќ