
Американскиот Сенат го поддржува договорот за името – Македонија да спроведе реформи
Американскиот сенат ќе застане целосно зад договорот за името меѓу Македонија и Грција. Највисокиот законодавен дом на САД во поднесената резолуција поддржана и од републиканци и од демократи ќе се залага за спроведување на договорот на премиерите Заев и Ципрас кој конечно го решава деценискиот спор за името и на Македонија и го отвара патот за влез во НАТО и почнување на преговорите за членство во Европската Унија.
Во Резолуцијата 602 американските сенатори ги осудуваат сите обиди на Руската Федерација да го спречи спроведувањето на договорот кое треба да резултира со промена на името во Република Северна Македонија.
Сенаторите апелираат до Македонија да ги продолжи реформите, да воведе владеење на правото, да ја засили борбата со корупцијата и да ја гарантира слободата на изразување.
Во резолуцијата Сенатот ги повикува Стејт департментот и департментот за трговија на САД како и другите надлежни институции да дадат поддршка на американските компании да инвестираат во Македонија и регионот.
Сенаторите Крис Марфи од Демократската партија и Рон Џонсон од Републиканската партија ја претставија Резолуцијата пред Комитетот за надворешни работи. Американскиот сенат го сочинуваат по двајца сенатори од секоја сојузна држава на САД и брои вкупно 100 члена. Мнозинството го имаат републиканците, но резолуцијата за Преспанскиот договор би требало да добие голема поддршка и од двете партии.
Христијан Станоевиќ