
Амандманите ги блокираат законите
Комисијата за политички систем утре стартува со амандманска расправа за Изборниот законик, без да ја знае точната бројка на поднесени амандмани. До попладневните часови, службите успеале да заведат и преведат 2.190 амандмани од ДУИ за предлогот – една изборна единица и 1.544 за предлогот – отворени листи. Во обработка се и повеќе од две илјади амандмани од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Ако се има предвид дека дискусиите не може временски да се ограничат, станува јасно дека овој собраниски состав до крајот на мандатот нема да стигне до гласање.
Слична судбина има Законот за јавнообвинителска служба со 4.000 амандмани и Академијата за судии и обвинители со 970 амандмани од ВМРО-ДПМНЕ. Опозицијата го блокира и Законот за одбрана – не со илјадници амандмани, туку со недавање поддршка на дво-третински закон. Најголемата опозициска партија нема да гласа доколку со него се менува и името на армијата.
Во собраниска процедура се и повеќе од 120 закони предложени од Владата. Поголемиот број се за намалување на огромните казни за прекршоци, објаснува парламентарното мнозинство, но опозицијата најавува дека ќе се спротивстави на сите обиди за „штанцање закони“ на неполни два месеца пред распуштање на Собранието.
Соња Николовска