Алити и сестрата на Јанева на чело на КХВ

Со потпис на премиерот Заев, владата му предлага на Собранието ново раководство на Комисијата за хартии од вредност, претседател да биде Нора Алити екс пратеничката на ДУИ и ќерка на лидерот на ПДП Абдурахман Алити, а во столчето на заменик претседателот на КХВ да седне Лиле Делиџакова, сестра на специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева.

Ако Собранието го прифати овој предлог, Алити и Делиџакова ќе бидат професионално ангажирани, односно вработени со мандат од 5 години, со право на реизбор и на апанажа. Останатите предложени комисионери се Зоран Колев , Кирил Јовановски и Душко Гошевски кои ќе работат за месечен надоместок утврден од Комисијата.

Алити и Делиџакова ќе работат за плата од околу 1500 евра. Делиџакова е магистер, работела во царината во Гевгелија, а минатата година од Агенцијата за вработување добила пари од програмата за самовработување за отворање фризерски салон.

За изборот на Делиџакова, од владата велат пресудило нејзиното професионално искуство. Зарем не смеат семејствата на истакнати личности да конкурираат и да бидат избрани на некоја позиција ако ги исполнува условите, рече премиерот Заев, потенцирајки дека предлагач е владата, но конечната одлука за овие позиции ја носи парламентот.

Огласот за ново раководство на КХВ владата го објави на 10 февруари,се пријавиле 8 кандидати, 7 ги исполниле условите, а владата избрала 5 од нив. Писмото со петте потенцијални кандидати во Собранието стига на 2 мај, но тоа не е пропратено со нивни биографии.

Мандатот на досегашниот состав на КХВ истече на 12 февруари што значи дека заради нерешените кадровски дупки во оваа значајна институција, три месеци никој не врши мониторинг на пазарот на хартии од вредност.

Досега претседател на КХВ беше Елизабета Чингаровска, а претходно со институцијата раководеше Марина Кавракова, Весна Пендовска и Никола Груевски како министер за финансии. Доколку на првата наредна седница Собранието го прифати предлогот на владата и ја избере Алити, тоа ќе биде прв пат со ова тело да раководи Албанец.

Виолета З Стојановска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ