
Алијанса за Албанците реагира што не учествува во преговорите за СЈО
Во моментот кога јавноста очекува функционирање на правната држава и владеење на правото, од оние искри надеж што некогаш ги даде Специјалното јавно обвинителство, денес ова обвинителство станува предмет на протагонистите на т.н. “бомби”.
„Тајните преговори помеѓу премиерот Заев и лидерот на ВМРО, Христијан Мицкоски за судбината на СЈО, со исклучок на албанската опозиција за создавање на широк политички консензус, укажуваат дека Северна Македонија продолжува да промовира етноцентричен и исклучувачки дискурс“, се вели во соопштението од Алијанса за Албанците .
Од партијата велат дека е преседан што во процесот за СЈО се вклучени и функционери на ДУИ кои биле дел од „бомбите“, алудирајќи на Блерим Беџети кој ќе претставува ДУИ во работните групи за изготвување на предлог-законот за СЈО. Го поставуваат прашањето „каков легитимитет има ДУИ кој преку Блерим Беџети, кој заедно со Муса Џафери, ги извршуваа наредбите на Сашо Мијалков за назначување обвинители и високи републички судии?
Дали можеби сега преку законска рамка ќе го направат СЈО специјален партиски суд кој ќе ги амнестира обвинетите и осомничените од ДУИ и ВМРО, кои се дел од предметите на СЈО?
Го повикуваат премиерот Заев, под итно да воспостави широк политички консензус за да создаде политички амбиент за обезбедување перспектива и целосна независност на Специјалното јавно обвинителство, а потоа да се создадат непартиски експертски групи кои ќе изготват предлог-закон во корелација со идејата за основање на СЈО како независен орган кој ќе се справи со кривично гонење на функционери осомничени за криминал и корупција, а кои беа дел од прислушуваните разговори.