
Албанскиот блок партии одлучува да излезе со заеднички кандидат на изборите за шеф на државата
Алијансата за Албанците вечерва на седница на Централното претседателство ќе расправа за претседателските избори, можните кандидати, како и за понудата на лидерот на ДУИ Али Ахмети, албанскиот блок да излезез со заеднички кандидат на изборите за шеф на државата.
Од партијата соопштуваат дека ќе ја разгледаат и можноста за предвремените парламентарни избори заедно со претседателските. А вечерва на полноќ истече рокот за пријавување кандидатури во ВМРО ДПМНЕ.
Најдоцна до 5 февруари ќе се знае кој се пријавил на јавниот оглас, а партијата ќе го избере партискиот кандидат на конгресот во Струга, закажан за 16-ти месецов. Кандидатури во ВМРО ДПМНЕ засега поднесоа пратеникот Владимир Ѓорчев и Филип Петровски, од движењето Македонија блокра. Во јавноста како можен кандидат се споменува и името на професорката Гордана Силјановска Давкова, но засега нема потврда.
Извршниот одбор на СДСМ в недела ќе донесе одлука дали се за барањето на опозицијата, заедно се претседателските да се одржат и парламентарни избори. Минатата недела на состанокот на Централниот одбор беше започната процедурата за пријавување кандидати за претседателските избори, но засега нема официјално ниту едно име.
Претседателот на Собранието Талат Џафери најави дека претседателските избори ќе ги распише на 8 февруари, според што првиот круг би се одржал на 21 април, а вториот на 5 мај.
Од партијата на Ромите ПЦЕР соопштуваа дека и тие ќе трчаат на изборите за претседател со свој кандидат. Иако во јавноста веќе почна да се шпекулира со името на претседателот на оваа пратија Самка Ибраимовски, во партиското соопштение стои дека конечната одлука за кандидатот ќе се донесе по консултациите со сите членови, како и организации од дијаспората и невладини здруженија.