
Алаѓозовски: повлечени најголем дел од спорните проекти
Бурните реакции во јавноста за годинашната програма на Министерството за култура и понатаму не стивнуваат. Со веќе подготвен одговор на лист хартија министерот Алаѓозовски го дочека прашањето колку одлуки ќе бидат поништени и ревидирани. Рече дека сите спорни ситуаци веќе се решаваат со повлекување на тие неполни дваесет проекти.
За дел од проектите е потребно и мислење од надлежната антикорупциска комисија, а жалбената постапка ќе биде можност да се адресираат и останатите незадоволства.
Министерот за култура е резервиран во однос на повиците за кривична одговорност за апликантите или членови на комисиите кои ги носеле дискутабилните одлуки.
„Доколку има кривични пријави и кривична одговорност за тоа треба да реши Јавното обвинителство се разбира во соодветна постапка. Ние како министерство не сме ниту обвинителство ниту суд да повикуваме на кривична одговорност. Според нашите сознанија нема такво нешто, како што реков самите учесници ги повлекуваат проектите пред се чувствувајќи морална одговорност по прозивките од јавноста“, вели Алаѓозовски.
Ваквото ревидирања на проектите следеше по нашето истражување во кое беа разоткриени бројни нерегуларности брачни и службени врски, пријателски препораки, лажни здруженија, фирми за лов и траперство кои годинава финансиски ги поддржа Министерството за култура.
Нина Стефанова