
Акцизата се зголемува за 3 денари, таа на екстралесното гориво не се изедначи со таа на дизелот
На кого во државата му одговара криминалот со „црвената нафта“? – прашува најголемата нафтена компанија во земјава „Макпетрол“ по одлуката на Владата да се зголемат акцизите за нафтените деривати за 3 денари, без да се изедначи акцизата на екстралесното и дизелот како што предложи Стопанската комора, а со цел да се спречат масовните злоупотреби на таканаречената црвена нафта која наместо за греење завршува во резервоарите на автомобилите и се користи за транспорт.
Државните институции имаат проценки дека со изигрување на сегашната правна рамка на пазарот како гориво за транспорт завршуваат околу 50 милиони литри екстра лесно гориво за греење, државата не презема мерки за сузбивање на сивата економија. Статистиката покажува дека годишно се увезуваат 55 милиони екстра лесно гориво, а реалната потрошувачка е 5 милиони, вишок остануваат 50 милиони од ова гориво. Државата губи по повеќе од 11 денари од литар екстра лесно гориво што се користи за транспорт.- соопшти Макпетрол.
Зошто се уште масовно се троши екстра лесно гориво кога е завршена грејната сезона и зошто државата ја дозволува сивата економија? – прашува компанијата.
Од таму потенцираат дека злоупотребата на екстра лесното гориво прави штета на буџетот на државата, на животната средина и на конкуренцијата. Екстра лесното гориво содржи 100 пати повеќе сулфур од обичниот дизел и е сто пати поголем загадувач.
Велат во Европската Унија, голем дел од земјите одамна го исфрлија од употреба, а со ваквата одлука не се почитуваат препораките на Светска банка за земјава за транзиција кон почисти горива и забрана на горива во висока емисија на сулфур како што е екстралесното.
„Макпетрол АД уште еднаш апелира до Владата и до сите државни институции за посериозен пристап кон предлогот за израмнување на акцизата на екстра лесното гориво со дизелот, а не да ги штити криминалот и злоупотребите со ова гориво. Во спротивно, Макпетрол АД, како одговорна компанија и водечка сила во енергетскиот систем на нашата држава која работи и се стреми кон законито функционирање ќе ги запознае релевантните меѓународни институции, Светската банка за транзиција и Енергетската заедница за ова.“- соопшти компанијата.
Наместо министерката за финансии Ангеловска, пак одлуките на Владата ги правдаше владиниот портпарол Хоџа. Рече дека имаме најниски акцизи и цени на горивата во Европа и регионот, а од јануари до април за 20 денари се пониски цените на горивата од падот на цените на нафтата на берзите. Потенцираше дека ова е антикризна мерка со цел да се намали падот на приходите во буџетот од акцизите и пониската потрошувачка на горива, а со одлуката е предвидено при раст на цените на нафтата да се намалува и акцизата од 1 до 3 денари.
Неизедначувањето на акцизите пак на екстралесното со дизелот, Хоџа го правдаше со детални анализи кои покажале дека заврши грејната сезона со што е забранета употребата на ова гориво.
Дека екстралесното гориво се точи и кога е забранета неговата продажба, постојано аплармираат државните институци.
Пазарниот инспекторат за Телма потврди дека тие не можат на лице место да ги констатираат злоупотребите со црвената нафта, бидејќи се уште не е под нивни ингеренции мобиланата лабараторија.
А претседателот на Регулаторна Бислимоски, апелираше за изедначување на акцизата за да се спречат злоупотребите кои годишно го чинат буџетот над 30 милиони евра.
Имајќи ја предвид оваа реакција на РКЕ, Владата се уште не даде објаснување врз база на кои и какви анализи е донесена одлуката.
Александра Филиповска